Проповед на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов на Божиќната полноќна света Миса
Човек со визија
Драги браќа и сестри, Божик е. Од година во година празнувањето на овој настан со кој започна нова ера на човештвото, длабоко го допира срцето на секој верник, но и на секој човек со добра волја. Св. Лука не води во историјата на времињата кога таа чудесна промисла од небото се случува на земјата. Спомнат е најмоќниот цар на Римското царство, во време на Цезар Август, кој владее во време на мир и самиот се прогласува за божество. Една легенда вели дека таа ноќ на ритчето Арачели тој се упатува да принесе жртва на Бога кој победува, зашто тоа е ноќ која е скратена а победува должината на денот. Легендата вели дека некаде во далечина гледа појава на светлина и зачуден од тоа видение не принел жртва. Легендата е само легенда, а тоа што е историска реалност е желбата на тој најголем светски моќник да го изброи народот и да дознае на колку народ е господар а и божество. Каква ли горделивост дури и алчност да го изброи сиот народ?! И тоа не заради статистички податоци, туку заради доживувањето на сопствената моќ. Бидејќи, навистина не е моќен оној кој има земско богатство, туку оној кој има многуброен народ со кој господари. И покрај алчноста и цар Август знае дека најголема вредност е човекот, дури и кога е роб. Од друга страна, ја гледаме визијата на пророкот Исаија – и тој гледа силно мнозинство, народ кој оди во темнина, ќе види голема светлина; врз оние што живеат во земјата на смртната сенка, ќе болсне светлина. Визијата на пророкот Исаија е визија на вистинското ослободување на човекот и човештвото, бидејќи повеќе нема робови и отуѓени луѓе, повеќе нема питачи и страдања, зашто јаремот, кој му тежеше, и жезолот што го поразуваше, и стапот на неговиот угнетувач ги скрши оној кој доаѓа. Зашто дете ни се роди – Син ни се даде; власта е на рамената Негови, и ќе Го наречат: Чудесен Советник, Бог силен, Отец вечен, Кнез на мирот. Неговата власт и мирот бескраен ќе растат и Неговото Царство не ќе има крај од сега и до века.
Така, пред себе имаме двајца визионери. И двајцата во срцето носат надеж. Царот Август дека е непобедлив владар со огромно мнозинство а пророкот Исаија за неизмерното мнозинство кое оди кон светлината а водител му е Кнезот на мирот, Дете кое ја има власта врз своите рамена. Двете видувања, двете визии изгледаат неверојатни. За Царевата знаеме, бидејќи толку пати се оствари зборот на пророкот Јеремија: Проклет да е човекот кој се надева на човек. Да, човекот е најголема вредност, кога е ослободен од својата расипаност и себичност – а знаеме дека од тоа не може сам да се ослободи, со сопствени сили. Сега доаѓа Оној кого денес го славиме, а Тој дојде и неговите не го примија.
Според царскиот налог Марија и Јосиф патуваат кон Витлеем како послушни и толерантни поданици на моќниот цар. Но тие не го слушаат налогот само на царот, туку постојано се послушни на волјата на Небесниот Отец. Во Витлеем никој не ги препознава. Тие се несакани гости зашто жената е во блажена состојба и евентуалното новороденче а и самиот пород би биле на товар на тие кои би ги примиле. Во крајна скромност и едноставност тие се засолнуваат во пастирската колиба. Како, браќа и сестри, да не се помисли на сите оние кои денес се неприфатени – почнувајќи од несаканите деца, отстранети, невино осудени веќе во мајчината утроба, кои не ги примила ни сопствената мајка, а камоли некакви жители на денешните Витлееми. Како да не си спомнеме за милиони прогонети денес, на бегалци, протерани, обележани и дискриминирани? Како да не се препознае тропањето на толку многу невработени, обесправени, кои исто така тропаат на врати но не им се отвораат со изговор „за вас место нема“. Како да не се потсетиме на толку многу луѓе отпуштени од работа бидејќи се „технолошки вишок“?! Како да не се сетиме на модерните цареви Августовци, современите Витлееми и на случувањата во кои толку голем број луѓе го бараат основното право на дом и татковина, на кров над главата и корка леб?! Ве прашувам вас, браќа и сестри, дали смееме на овој празник – Рождество Христово да гледаме утописки како Исаија, не е ли неговата визија нереална? Не е ли нашето празнување Божик предизвик? Не се ли раскошот и надворешното празнување на Божик потсмев на она мнозинство кое тропа на вратата која не му се отвора, кое бара а не наоѓа, кое е збунето од власта на царот Август и со толку многу моќници на овој свет?! Браќа и сестри, одговарам многу храбро, но втемелен во верата: нашето празнување на Божик не е илузија, ниту предизвик, туку, едноставно, тоа е вистина која ја навестуваме со овој празник а ја слушнавме кај апостол Павле во оваа миса. Со овој настан се објавува Божјата Љубов, Спасителка на сите луѓе; која не воспита да се откажеме од безбожноста и човечките страсти и разумно, праведно и побожно да живееме во сегашниот свет, имајќи блажена надеж и Откривање на славата на големиот Бог и Спасител Исус Христос. Тој се даде за нас, за да не откупи од секое беззаконие и да го исчисти избраниот Народ кој се стреми кон добри дела.
А сега да застанеме пред сликата која што ја опишува св. Лука а која е видлива во нашите божиќни пештери. Што гледаме? Малечко Дете, повиено во пелени и положено во јасли. Го гледаме грижливиот Јосиф. Го гледаме св. Семејство кое не се буни, не протестира, не штрајкува, туку се радува на исполнетото ветување кое го запиша Исаија: Дете ни се роди – Син ни се даде; власта е на рамената Негови, и ќе Го наречат Кнез на мирот. Кога човек ќе ја наведне својата горда глава и ќе се доближи до Витлеемската пештера, го отфрлува од себе својот егоизам и надменост и тогаш препознава дека христијанинот не е утопист, не е фанатик, не живее од фантазии ТУКУ Е ЧОВЕК СО НАДЕЖ. Христијанинот е визионер кој гледа дека Исус е единственото решение на оваа неурамнотеженост што ја доживеал цар Август со визијата на пророкот Исаија и дека тоа не е прикаска туку историска реалност: Христос е единствениот Спасител на светот, но човекот не го менува насилно ниту само однадвор, туку го менува човекот одвнатре. Оној кој може да го менува срцето може да го слави Божик. Затоа во визијата на Лука гледаме дека небото се отвора и Божјата слава осветлува обични луѓе – пастирите кои во својата едноставност биле подготвени да ја прифатат Радосната вест и да и поверуваат: Еве ви навестувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе. Зашто денес ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ. Одговор на нивната вера е ангелската химна: „Слава на Бога во висините, а на земјата мир, меѓу луѓето добра волја!“
Браќа и сестри, што е тогаш Божик, ако не е голем повик од Небото до нас на земјата дека не сме изгубени и напуштени, и покрај сиромаштијата и многуте неправди, туку дека сме луѓе со свое човечко достоинство, кое е чисто и со образ и совест. И денес ни допира до свеста: луѓе, браќа, миленици сте Негови. Собрани сме вечерва (денес) да го препознаеме повикот од големината на витлеемското Новороденче и да го следиме патот на кој не повикува апостол Павле – разумно, праведно и побожно да живееме во сегашниот свет И ДА ЈА ОЧЕКУВАМЕ БЛАЖЕНАТА НАДЕЖ. Затоа ние сме луѓе кои гледаме напред и со сигурност знаеме дека сите можат и да не презираат и да не отфрлат и да не нè прифатат, но Бог нема да не напушти. Со такви мисли, со надеж и загледаност во подобра иднина, која не е утопија, туку надеж зад која стои Божествено ветување и исполнување, ви посакувам благословено Рождество Христово – Божик. Ве молам само едно, ако денес некој тропне на вратата на вашата совест, некој кој бара прием во побожноста и праведноста примете го зашто во тој човек – барател е Исус Христос. Ви посакувам благословено дружење со Исус во Витлеем – Исус во вашите срца. Христос се роди!