Доделено признанието „Вељо Манчевски“

Доделено признанието „Вељо Манчевски“

Во среда 21 декември 2022 година Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монс. д-р Киро Стојанов присуствуваше на Свечен предновогодишен прием насловен „Вера посилна од секоја криза“, во организација на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, кој се одржа во малата сала на Македонската филхармонија.

На свечениот прием присустваа Претседателот на Македонија, г-дин Стево Пендаровски, Директорот на КОВЗРГ г-дин Даријан Сотировски, членови на Владата, верски поглавари и великодостојници, голем број на свештеници и верски службеници, духовници, монаси и проповедници, пратеници во македонското собрание, претставници на државните институции, како и голем број на видни гости.

Во рамки на настанот годинава за прв пат беше доделено и нововостановеното признание „Вељо Манчевски“ за особен придонес во верската сфера на правни и физички лица кои кои со својот ангажман, активност и долгогодишен труд трајно оставиле значајни траги и се вградиле во развојот и продлабочувањето на различни значајни сегменти во верската сфера.

Признанието „Вељо Манчевски“ за оваа година беше доделено на:

– Г-дин Доне Илиевски (постхумно) – за особен придонес во јакнењето на Комисијата и односите на државата со верските заедници;

– Протојереј Ставрофор г-дин Спасе Стефановски- за особен придонес во организирањето на македонските црковни општини во Австралија;

– Проф. Др. Хасан Џило- за особен придонес во исламската наука и образование;

– Н.Е. Амбасадор д-р Иван Ангелов- за особен придонес во развивањето на односите со Светиот Престол;

– Проповедник г-дин Михаил Цеков- за особен придонес во развојот на ЕМЦ и меѓуверската соработка;

– Меморијален центар за холокаустот на македонските евреи- за особен придонес во чувањето и негувањето на историјата и културата на еврејската заедница;

На крај образец од признанието беше доделено и на почитуваното семејство Манчевски, на наследниците на протоереј Вељо Манчевски, чие име го носи признанието во знак на почит и сеќавање на неговите заслуги за народот, црквата и државата.

Од името на сите добитници и од свое име како највозрасен благодарствено се обрати ставрофорниот протопрезвитер Спасе Стефановски.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот