Програма на Папата за Страсната седмица
Крстен пат на Колосеумот на Велики Петок и апостолскиот благослов кон градот и светот – Urbi et Orbi – со велигденска порака ќе бидат меѓу централните моменти од програмата за Страстната седмица 2016 година за папата Фрањо, седмица која ќе започне на 20 март, Цветници и ХХХI Светски ден на младите.
Литургијата на овој ден е со почеток во 9.30 часот на плоштадот „Свети Петар“ со благослов на палмовите и маслиновите гранчиња и традиционалната процесија.
Деталните програма за папските богослужби за седмицата пред Воскресението Христово беше презентирана од Ватиканскиот прес-центар, кој прецизираше дека сѐ уште не е дефинирано каде папата Фрањо ќе ја отслужи литургијата за Тајната вечера на Велики Четврток со обредот миење нозе, за која во принцип избира места одбележани со човечко и социјално страдање, како што се затворите или социјалните домови.
Пасхалната тродневница ќе започне на 24 март, Велики Четврток со литургијата во 9.30 часот за осветување на мирото, на која заедно со Папата ќе сослужуваат кардинали, патријарси, архиепископи, епископи и свештеници кои се наоѓаат во Рим.
На 25 март, Велики Петок, литургијата на страдањето Господово ќе започне од 17.00 часот, а вечерта од 21.15 часот ќе започне традиционалниот Крстен пат на Колосеумот, со размислувања кои оваа година се доверени од Папата на архиепископот на Перуџа, кардиналот Гвалтиеро Басети. На крајот на Крстниот пат, Папата ќе има кратко обраќање до верниците и ќе го даде својот апостолски благослов.
Следниот ден, 26 март, Велика Сабота од 20.30 часот ќе започне велигденското бдеење на кое папата Фрањо ќе им ги подели Светите тајни на христијанската иницијација – Крштение, Миропамазание и Причест – на неколку катекумени.
Свечените богослужби ќе завршат на 27 март, Воскресение Господово, Велигден, со свечена литургија, предводена од папата Фрањо на плоштадот „Свети Петар“ од 10 часот по која, од централниот балкон на Ватиканската базилика, Папата ќе ја упати својата велигденска порака и ќе го даде својот апостолски благослов на „градот и светот“ – Urbi et Orbi.
РВ/В.Н.