Во градот Бахдида после две години од окупацијата од страна на самопрогласената Исламска држава прв пат беше служена света Литургија.
Дебелиот слој саѓи кои ги покриваат црковните ѕидови не можат да го сокријат рачно напишаниот натпис „Исламска држава.“ Жештината ги уништила керамичките плочки, клупите се расфрлени, кровот делумно уништен, но катедралата „Безгрешно зачнување“ сѐ уште стои во центарот на градот Бахдида. По двегодишната окупација од самонаречената Исламска држава, во катедралата повторно одекнаа црковните хвалоспеви на арамејски јазик во најзначајниот христијански град во Ирак, јавува агенцијата Asianews.
Црквата во Бахдида е симбол на ирачките христијани
Сириско-католичкиот надбискуп на Мосул, Киркук и на цел Курдистан, монс. Петрос Мoше истакнува дека катедралата „Безгрешно зачнување“ е симбол за сите ирачки католици. Ви велам дека народот не би се вратил ако катедралата беше срушена – рече надбискупот, кој во неделата во придружба на неколку свештеници повторно се врати во Бахдида за служење на првата света Литургија по долгогодишната окупација на градот, а во проповедта ги прозва оние кои го запалија градот во кој се родил пред 73 години.
Исчистете го градот од омраза кон ирачките христијани
Денес се собравме овде градот да го исчистиме од сите траги на самопрогласената Исламска држава, од омразата на која бевме жртви. Нема големи и мали луѓе, не постојат кралеви, ниту робови. Тој менталитет мора да исчезне – рече надбискупот, гледајќи ги малубројните верници односно христијаните волонтери и политичките претставници.
Бахдида ги носи лузните од насилните судири
Град полн со вооружени војници без своите вообичаени жители, ослободен пред една недела ги носи лузните на жестоките борби. Насекаде запалени автомобили, фасадите на куќите се изрешетани со проектилите и од црниот чад, а уште од далеку се слушаат одеците на огненото оружје и татнежот на борбените авиони. Отец Мајед Хазем речиси е сигурен дека ова прва света Литургија „означува нов почеток и на светот му ја покажува христијанската отпорност и покрај поднесените неправди.“
Предворјето на катедралата користено за стрелиште
Од едната страна во дворот пред катедралата има стотина грмушки, а од другата страна стојат закачени мети: џихадистите во предворјето на катедралата вежбале пукање. Ништо не почитувале – истакна Имад Мајкл кој како седумдесетгодишен доброволец ја бранеше Нинивската долина. Тие не се муслимани, тие се неверници – рече Имад Мајкл. Четириесет години помладиот Мајкл Јелал со митралез на рамото и со умор во очите се надева на брзо враќање на народот. Порано имав многу пријатели, сите заминаа во други земји – рече тој.
Многу хуманитарни организации доаѓаа во посета и ни предлагаа да одиме во Либан, Австралија или Канада, но јас одбив. Сакаме нашите семејства да се вратат овде, сакаме да се вратат и оние кои се заминаа во туѓина. Пред враќањето на луѓето треба градот да се исчисти од мини кои ги посеале џихадистите. Една црква ја претвориле во фабрика за експлозивни направи. Луѓето сакат да се вратат, но тие сакаат да се обнови инфраструктурата. Пред да се обнови инфраструктурата градот треба да се исчисти од мини – рече надбискупот Моше пред да појде кон Ербил каде живее како бегалец.
РВ/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк