Папата Фрањо на Ангел Господов: Вистинската љубов кон Христос нѐ прави жив камен на Црквата
Во говорот пред молитвата Ангел Господов во недела 24 август 2014 година на плоштадот Свети Петар, Папата го започна со вообичаениот поздрав: Драги браќа и сестри, добар ден! А потоа го коментираше делот од Еванглието.
Во денешното литургиско Евангелие по Матеј го слушнавме славниот израз, централен во проповедањето на Матеј, како Симон во името на дванаесетмината, ја исповеда верата во Исус како „Христос, Син на живиот Бог“, а Исус го нарекува блажен поради неговата вера, бидејќи во неа го препознал посебниот дар од Отецот и му вели: „Ти си Петар, и на тој камен ќе ја изградам Црквата своја“ – рече Светиот Отец.
Да застанеме за момент на фактот дека Исус на Симон му дава ново име: Петар значи „камен“, а на Исусовиот јазик звучи „Кифа“. Зборот „камен“ во Библијата се однесува на Бог. Исус го нарекува Симон камен, но не поради неговите квалитети или човечки заслуги, туку поради неговата искрена и цврста вера која му доаѓа одозгора – рече Папата.
Во своето срце Исус чувствува голема радост, бидејќи во Симон ја препознава раката на Отецот, делувањето на Светиот Дух. Препознава дека Бог Отецот му дава на Симон „сигурна“ вера на која што Тој, Исус ќе може да ја гради својата Црква односно својата заедница т.е. сите нас. Исус мисли на основањето на „своја“ Црква, народ заснован на верата, а не на наследството, на односот со Него, на односот со љубов и доверба. Нашиот однос со Исус ја гради Црквата. А за да може Исус да го започне градењето на својата Црква треба во учениците да најде цврста, „сигурна“ вера. Пред градењето треба да ја провери верата на учениците – истакна Папата и продолжи:
Господ ја има на ум сликата на градењето, сликата на заедницата како зграда. Затоа кога ја слушнал Симон како ја исповеда својата вера го нарекува „Камен“ и покажува накана дека на таа вера ќе ја гради својата Црква – објасни Светиот Отец.
Браќа и сестри тоа што на едноставен начин се случило со Петар денес се случува во секој христијанин кој искрено и цврсто верува дека Исус е Христос, Син на живот Бог. Денешното Евангелие се однесува и на нас – рече папата Фрањо и праша: Како е со твојата вера? Нека секој си одговори во своето срце. Какви ќе ги најде Господ нашите срца? Срце цврсто како камен или песочно срце, односно сомничаво, несигурно, неверно? Ќе биде добро ако денес за тоа размислуваме – рече Папата.
Ако Господ во нашето срце наоѓа вера, искрена и едноставна, не велам совршена, тогаш и во нас гледа жив камен за изградба на својата заедница, на чија што Он е камен темелник, аголен и еден. Петар е Камен, бидејќи е видлив знак на црковното единство; а секој христијанин е повикан да му ја покажува својата вера на Исус, слаба, но искрена. Он може денес, во секој дел од светот, да ја гради својата Црква – рече Светиот Отец.
Многумина и во нашето време мислат дека Исус е пророк, некој кој мудро зборува, пример за праведност… Исус и денес на своите ученици, па и сите нас нѐ прашува: „Што велите вие, Кој сум Јас? Што ќе му одговориме? Да се преиспитаме, но посебно да го молиме Бог Отецот по застапувањето на Дева Марија да ни подели милост со искрено срце да одговориме: Ти си Христос, Син на живиот Бог. Тоа е исповед на верата, тоа е верувањето. Да го повториме три пати: Ти си Христос, Синот на живот Бог – поттикна папата Фрањо, а потоа го предводеше Ангел Господов.
По молитвата Ангел Господов Папата своите мисли ги насочи кон „саканата Украина“. „На сите нејзини синови и ќерки, нивните извици за мир и ведрина на кои им се заканува атмосферата на напнатост и конфликт кои не стивнуваат, предизвикувајќи големи страдања меѓу цивилното население. На Господ Исус и Богородица ја доверуваме целата нација, а сите заедно да молиме за жртвите, за нивните семејства и сите кои трпат – поттикна Светиот Отец, велејќи дека примил писмо од еден епископ од Украина кој пишува за големо страдање.
Папата на крајот ги поздрави римјаните и поклониците од другите држави, посебно верниците од Сантијаго де Компостела и децата од Чиле, младите од Франција кои учествуват на меѓународната средба во Палестрини. Ги поздрави семинирастите на Папскиот колегиум на Северна Америка кои во Рим ќе ги продолжат студиите и шестотини млади од Бергамо, кои од Асизи со својот епископ пешачеле до Рим. На нив Папата им рече: „Драги млади, вратете се дома со желба на сите да им ја сведочите убавината на христијанската вера.“ Папата на крајот на сите им посака пријатна недела и добар апетит.
РВ/Д.И.