Папата Фрањо: „Милосрдието спасува“

„Бог не го испрати својот Син во светот за да ги осуди грешниците ниту да ги уништи злите. Наместо тоа Тој ги повикува луѓето на преобраќање, порача папата Фрањо во текот на Генералната аудиенција на 7 септември 2016 година на плоштадот Свети Петар.

Катехезата ја посвети на делот од Евангелието според Матеј (Мт 11, 2-6) во кој читаме како Иван Крстител кој е во затвор – ги испраќа своите ученици да го прашаат Исус: „Ти ли си Оној што треба да дојде или да чекаме друг?“

Крстителот тоа прашање го поставува затоа што Исусовото јавно делување не одговарало на она што тој од него очекувал – Кој Иван со нетрпение го чекал Месијата – за Иван е „судија кој конечно ќе го воспостави Царството Божјо и ќе го очисти својот народ: ќе ги награди добрите, а ќе ги казни лошите“, рече Папата. Иван Крстител затоа сака да дознае дали Исус е Месијата или треба да чека друг. Исус им одговара на учениците на Иван, нека му посведочат на својот учител тоа што го гледаат: „слепи прогледуваат и сакати проодуваат; лепрозни се очистуваат и глуви прослушуваат, мртви воскреснуваат и на бедните им се проповеда Евангелието.“ (Мт 11, 5). Исус себе се претставува како оружје на Божјото милосрдие кој не дошол да им суди на луѓето, туку да ги повикува на преобраќање, повторно да се свртат кон Бог – истакна папата Фрањо.

Светиот Отец додава дека праведноста која е во центарот на проповедувањето на Иван Крстител кај Исус се покажува првенствено како милосрдие. Сомнежите на Иван се само најава на шокот кој Исус ќе го предизвика со своите зборови и дела. Затоа Исус им говори на учениците на Иван: „и блажен е оној што не се соблазнува заради Мене“ (Мт 11,6) односно блажен е оној кој во мене не гледа препрека.

Ние го сфаќаме Исус како препрека затоа што имаме искривена слика за Месијата: создаваме сопствена слика за Бог која ни пречи за да го искусиме неговото реално присуство – рече Папата. Секој пат кога Бог го ограничуваме на сопствените идеи и каприци; кога го користиме неговото име за да ги оправдаме сопствените интереси; кога го бараме само во времиња на неволји; кога имаме исклучиво „духовен“ однос со Бог тогаш исто така од вид го губиме следниот факт: верата нè повикува да излеземе од нас самите за да станеме негови пратеници во светот – рече папата Фрањо. Додаде дека „христијанинот верува во Бог Исус Христос и неговото тежнеење е да расте во живото искуство на таинството на љубовта.“

На крајот Светиот Отец ги повика верниците да се обврзат „дека нема да го спречуваат милосрдното делување на Отецот, туку ќе молат за дарот на голема вера за да станеме знаци и оруже на милосрдието.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот