Папата Фрањо го отвори конгресот на Римската епархија

„Црква, како Мајка, која прегрнува и ги прифаќа сите“. Ова е една од сликите за Црквата предложена од папата Фрањо за време на отворањето на конгресот на Римската епархија на тема „Народ, кој ги раѓа своите деца. Заедницата и семејството во големите епохи на христијанската иницијација“.

Средбата во форма на дијалог меѓу епископот на Рим со парохиските свештеници, катехисти и верници од епархијата, се одржа во понеделник 16 јуни во ватиканската сала Павле VI. Светиот Отец ја искористи можноста да ги насочи патиштата по кои треба да поминат, повторно истакнувајчи ја важноста на Апостолската енциклика на папата Павле VI „Evangelii Nuntiandi“.

Папата Фрањо ја истакна својата, но исто така и загриженоста на мнозина за „сериозноста на модерните времиња“, што се заканува на убавината на животот. Современото општество, истакна Папата, е „општество на сираци“. Особено современите млади кои се „лишени од автентичната претстава за семејството, без љубов или љубов пружена набрзина од родителите, кои се изморени и немаат време за нив. Младина, која има потреба од сигурен пат, од наставник кој треба да се следи, од идеали што го затоплуваат срцето и надежи кои окрепуваат во тешкотиите од секојдневието“:

„Имаме потреба за чувство на бесплатност: во семејството, во парохиите, во целото општество. Ако нема бесплатност во семејството, училиштето и парохиите ќе биде многу тешко да се разбере она што е благодатта Божја, онаа благодат, која не се гледа, не се купува, која е дар Божји, која е самиот Бог“.
Длабоката смисла на христијанската иницијација, рече Папата, „значи да генерираш вера, што навестува дека не сме сирачиња“. Ние сме народ „,кој сака да си ги воспитува децата со сигурност дека се дел од едно семејство, дека имаат мајка и татко“, посочи папата Фрањо. За да се сака животот, „не е доволно да биде исполнет со материјални работи, туку со поглед кон Исус“.

„Голем предизвик за современата Црква е да биде Мајка! – рече Папата. Црквата не треба да биде добро организирана невладина организација со многу пастирски планови. Нема потреба од тоа. Црквата треба да е Мајка. Ако таа не успее да биде Мајка, останува неплодна и се претвора во „стара девојка“, колку тоа и да звучи лошо “.

Плодноста е благодат, која треба да се побара од Светиот Дух, за да се оди по пастирскиот и мисионерскиот пат. Но за тоа е потребно да се следат патиштата на „сведоштвото и нежноста“: „Храбро да бараме нови начини преку кои нашите заедници ќе се претворат во домови чии врати се секогаш отворени“.

Идентитетот на Црквата е да евангелизира, односно „Да раѓа деца“. Цитирајќи го Бенедикт XVI, Папата потсети дека Црквата не расте преку прозелитизмот, туку „преку мајчиното привлекување“. Дури и Црквата да е „малку заостаната“, рече Папата, „тоа може да се подмлади преку плодноста, иако постои опасност од индивидуализмот и бегството од заедничкиот живот во заедницата“:

„Црквата се подмладува, кога создава деца. Колку повеќе станува мајка, толку повеќе се разубавува. Тоа е нашата Мајка Црква. Да си во Црквата значи да си во мајчиниот дом. Тоа е големината на откровението“.

“Сонувам за Црква која го живее сочувството на Исус – заврши Папата. Сочувство значи да страдаш, да го чувствуваш она што го чувствуваат другите, да ги придружуваш во чувствата. Тоа е Мајката Црква, која како мајка ги гали чедата свои со сочувство. Црква со едно безгранично срце, поглед, со нежноста на погледот на Исус кој е попрекрасен од зборовите“.

РВ/В.Н.

Категорија: Ватикан

За авторот