На 28 август папата Фрањо ќе ја посети Аквила

На 28 август папата Фрањо ќе ја посети Аквила

Папата ќе ги поздрави семејствата на жртвите од земјотресот во 2009 година и ќе служи Света Литургија во базиликата Света Марија – Колемаџо, со обред отворање на Светата врата. Надбискупот митрополит на Аквила, кардинал Џузепе Петроки изјави дека тоа е „гест на наклонетост кон нашата Црква и нашиот град“ на Папата кој ја гледа болката на сите народи.

Папата Фрањо ќе ја посети Аквила во недела на 28 август, по повод Селестинскиот опрост. Тоа ќе биде ден по Конзисториумот за именување на новите кардинали – соопшти Канцеларијата за печат при Светиот Престол. Предвидено е од хелиодромот на Ватикан да полета во 8.00 часот, и отприлика по половина час лет да пристигне на стадионот Гран Сасо. Папата на плоштадот пред катедралата ќе биде пречекан од надбискупот од Аквила, кардиналот Џузепе Петроки, претседателот на провинцијата Абруцо Марко Марсилио, префектот на Синзија Тереза Торако и градоначалникот Пјерлуиџи Бионди.

Програма

Во придружба на кардиналот, Папата приватно ќе ја посети катедралата, која се уште е во урнатини по земјотресот во 2009 година. Во 9.15 часот пред катедралата ќе ги поздрави семејствата на жртвите од земјотресот, владини претставници и присутните граѓани на плоштадот. Потоа ќе појде во базиликата Света Марија – Колемаџо, каде во 10.00 часот на плоштадот пред базиликата ќе служи света Литургија со обред отворање на Светата врата. Во Ватикан ќе се врати со хеликоптер, каде што треба да пристигне околу 13.15 часот.

Прв Папа кој ја отвора Светата врата по 728 години

Пресреќен сум што можам да соопштам дека Светиот Отец ја потврди посетата на Аквила на 28 август, по повод празнувањето на Опростот – рече кардиналот Џузепе Петроки, кој е на чело на надбискупијата од 8 јуни 2013 година, во специјалното соопштение во кое е соопштено за посетата на Папата. Тоа е гест на наклонетост кон нашата Црква и нашиот град – рече кардиналот и истакна дека по воспоставувањето на Опростот, кој го одреди Селестин V., папата Фрањо е првиот Папа, кој по 728 години ќе ја отвори Светата врата на базиликата Света Марија – Колемаџо. Тоа е еден вид подарок што го наградува верното и упорно очекување на жителите на Аквила, кое трае низ вековите и кое среќно го достигнува своето исполнување – рече кардиналот Петроки.

Гледајќи ги страдањата на целиот свет

Прославувањето на Опростот во присуство на Папата на милосрдието на овој настан ќе му даде планетарно значење, бидејќи – рече кардиналот – Светата врата на опростот нема да биде отворена само за поклониците кои ќе пристигнат во голем број, туку ќе биде отворена за цел свет. Се надеваме дека сите народи, особено оние кои се измачувани од конфликти и внатрешни поделби, ќе можат да поминат низ нивните мисли и повторно да најдат начини за солидарност и мир. Се во име на простувањето кое е сила која оживува во нов живот и влева храброст да се погледне во иднината со надеж. Конечно, во име на жителите на Аквила, измачени од три силни земјотреси и пандемијата, кардиналот Петроки од сѐ срце му се заблагодари на папата Фрањо, кој уште еднаш – како што напиша – ни сведочи за сочувството и нежноста на Папата.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот