Папата формира комисија за заштита на децата

Папата Фрањо го одобри предлогот за создавање на специјална комисија за заштита на децата од сексуални насилства. Ова го соопшти архиепископот на Бостон кардиналот Шон Патрик О’Малеј на брифингот по завршувањето на седницата на Кардиналскиот совет.

Комисијата ќе има задача да известува за статусот на спроведување на програмите за заштита на децата и да дава предлози за нови иницијативи на Куријата и Епископските конференции, а така исто и на монашките заедници.

„Составот и надлежностите на комисијата ќе бидат објавени дополнително и со поголеми детали од Светиот Отец, со посебен документ”, изјави кардиналот О’Малеј .

Широк е спектарот на одговорностите на комисијата, дополни кардиналот: „да дава упатства за заштита на децата, образовни програми за свештениците и соработка со цивилните власти, открива кривични дела, како и средби со жртвите на сексуалните насилства”. Исто така и „образовни програми за деца, родители и сите кои работат со децата, вклучувајќи ги и катехистите и богословите.

На брифингот директорот на Ватиканскиот прес отец Федерико Ломбарди соопшти дека следниот состанок на Советот на осумте кардинали ќе се одржи од 17 до 19 февруари и ќе претходи на Конзисториумот за именување на нови кардинали, кој ќе се одржи на 22 февруари. Следниот ден ќе се служи свечена Литургија со новите кардинали.

Одговарјќи на крајот на новинарско прашање за здравјето на Светиот Отец, кој во среда по Генералната аудиенција откажа една средба, патер Ломбарди истакна дека Папата по завршувањето на Генералната аудиенција се чувствуваше навистина уморно, поради што сметаше дека е најдобро малку да се одмори. Но не е ништо страшно, со едноставни лекарства и после краткиот одмор, Папата продолжи со работата – рече патер Ломбарди.

РВ/го*ко

Категорија: Ватикан

За авторот