Папата за блажениот Павле VI: Понизен и пророчки сведок на Божјата љубов
Папата Фрањо во недела, 19 октомври на плоштадот Свети Петар во Ватикан ја предводеше Литургијата по повод завршувањето на третата вонредна Епископска синода и претседаваше со беатификацијата на папата Павле VI (1897-1978). На Литургијата учествуваа повеќе од 70.000 верници од целиот свет, а посебно бројни беа групите верници од епархијата Бреша, Милано и Рим, со кои е поврзан животот и службата на папата Монтини.
Осврнувајќи се во проповедта на текстот од Евангелието од Матеј: „Подајте го царевото на царот, а Божјото на Бога!“ (Мт 22,21), Папата рече дека Исус го става акцентот на вториот дел на таа реченица „а Божјото на Бога“. Тоа значи, рече Папата, да признаеш и исповедуваш – пред секоја власт – дека само Бог е Господ на човекот и дека нема друг. Тоа е трајна новост која треба секојдневно да се исповедува, совладувајќи го стравот кој често го чувствуваме пред Божјите изненадувања. Тој не се плаши од новости! Заради тоа постојано нè изненадува, отворајќи нè и водејќи нè на незамисливи патишта. Тој нè обновува и постојано нè прави „нови“. Христијанинот кој го живее Евангелието е „Божја новост“ во Црквата и во светот. А Бог многу ја сака таа „новост“! Да го дадеш Божјото на Бог значи да се отвориш за Неговата волја и да му го посветиме нашиот живот и да соработуваме за Неговото Царство на милосрдието, љубовта и мирот. Тука се крие нашата вистинска сила, квасецот кој дава таа да расте и солта која дава вкус на секој човечки напор против преовладувачкиот песимизам кој го нуди светот.
Тука се крие нашата надеж, бидејќи надежта во Бог не е некое бегство од реалноста, некое алиби: тоа значи активно да му возвратиш на Бог тоа што му припаѓа. И заради тоа христијанинот гледа на идната реалност, Божјата стварност за да ја живее во полнина – цврсто стоејќи со нозете на земја – и одговарајќи храбро на безбројните нови предизвици, рече Папата и продолжи: Го видовме тоа овие денови на вонредната Епископска синода, синода значи да „одиш заедно“. Пастирите и лаиците од целиот свет го донесоа овде во Рим гласот на своите Цркви за да помогнат на денешните семјства да чекорат по патот на Евангелието, со поглед цврсто фиксиран на Исус. Тоа беше големо искуство во кое ја живеевме синодалноста и колегијалност и ја почувствуваме силата на Светиот Дух Кој ја води и постојано ја обновува Црквата, која пак е повикана без двоумење да се грижи за раните кои крварат и повторно да ја запали надежта за многу луѓе без надеж, рече Папата, заблагодарувајќи му на Бог за „дарот на синодата и конструктивниот дух кој сите го покажале.“
Нека Светиот Дух Кој овие денови ни даде великодушно да работиме со вистинска слобода и понизна креативност, го следи и понатаму одењето кое за Црквата од целиот свет, претставува подготовка за редовната Епископска синода која ќе се одржи во октомври 2015 година.
Во продолжение на проповедта Папата се осврна на ликот на новиот блажен, папата Павле VI, нарекувајќи го „храбар христијанин и неуморен апостол“ и заблагодарувајќи му на понизното и пророчкото сведочење на љубовта кон Христос и Неговата Црква.“ Во таа понизност блеска големината на блажениот Павле VI, кој додека на сцената демнело ново секулазирано и непријателско општество знаел со остроумна мудрост – и понекогаш во самотија – да го управува Петровиот кораб, не губејќи ја никогаш радоста и довербата во Господ.
Во наговорот пред молитвата Ангел Господов ги повика верниците верно да ја следат науката и примерот на новиот блажен Павле VI, рече Папата, бил храбар поборник на мисиите ад гентес; сведоштво за тоа посебно е апостолското писмо Evangelii nuntiandi со кое имал намера да разбуди полет и преданост на посланието на Црквата. Истакнувајќи ја на крајот длабоката маријанска побожност на блажениот Павле VI Папата рече дека христијанскиот народ ќе му биде трајно благодарен за апостолското Писмо Marialis Cultus и што ја прогласи Марија за „Мајка на Црквата“, по повод затворањето на третиот дел од Вториот ватикански собор.
РВ/Д.И.