Папата до новите швајцарски гардисти: Сведочете ја верата со радост

Ватикан, 6.5.2013 /к.мк/ – „Верата ви е дарувана од Бог на денот на вашето крштение и таа претставува најскапоценото богатство што го поседувате! Вашата мисија во служба на Папата и Црквата го наоѓа својот извор во верата. Сведочете ја вашата вера со радост“. Така гласеше повикот упатен од папата Фрањо до новите швајцарски гардисти кои ги прими утрово на аудиенција во Апостолска палата, на денот на нивната свечена заклетва.

Папата Фрањо ја искажа својата „искрена благодарност“ за нивното „непроценливо и благородно служење“ на Папата и Црквата. „Секој ден лично ја чувствувам посветеноста, професионалноста и љубовта со сите што ја извршуваат вашата работа“. Светиот Отец им се заблагодари посебно на семејствата на стражарите, кои „позитивно го прифатија вашиот избор за служење во Ватикан и ви помагаат со љубов и молитва“.

Светиот Отец потсети на војниците кои ги дадоа своите животи на овој ден во 1527 година кога 147 швајцарски војници ги жртвуваа своите животи, бранејќи го Папата Климент VII од „пљачкосувањето на Рим“ од страна на повеќе националната војска на Карло V. „Денес не сте повикани за таков херојски чин, туку за една поинаква жртва: да ги вложите вашите млади сили во служба на Црквата и Папата. Затоа е потребно да бидете силни, инспирирани од љубовта и поддржани од верата во Христос“. Папата потсети дека заклетвата на новите гардисти се случува во контекст на Годината на верата, која се одбележува во целата Црква. „Убеден сум дека одлуката да посветите години од вашиот живот во служба на Папата не е невообичаено за вашата вера. Дури сум сигурен дека најдлабоките причини кои ве поттикнаа да дојдете тука во Рим се наоѓаат токму во вашата вера. Верата која ја научивте во семејството, сочувана во парохиите и која е израз на љубовта на католиците од Швајцарија кон Црквата“.

По повод свечената заклетва на 35 нови швајцарски гардисти папата Фрањо го прими во аудиенција во Ватикан и претседателот на Швајцарската конфедерација Уели Маурер, кој потоа се сретна и со Државниот секретар на Ватикан, кардинал Тарчизио Бертоне и секретарот на Одделот за односи со државите, монсињор Доменик Мамберти. „За време на срдечните разговори – се вели во соопштението од Ватикан – се упатени пофални зборови за вековното служење на Швајцарската гарда и беше истакната заедничката желба за дополнително зајакнување на добрите односи меѓу Светата Столица и Швајцарија, како и зајакнување на соработката помеѓу Католичката црква и државата. Соговорниците се фокусираа и на теми од заеднички интерес, како што се заштитата на човековите права, воспитувањето на младите и меѓународната соработка за промовирање на правдата и мирот“. (В.Н.)

Категорија: Ватикан

За авторот

Write a Comment

<