Генералното собрание на Синода до Божјиот народ: „Црквата мора да ги слуша сите“

Генералното собрание на Синода до Божјиот народ: „Црквата мора да ги слуша сите“

Учесниците на 16. редовното Генерално Собрание на Епископската Синода одобрија Писмо до Божјиот народ во кое се заблагодарува за нивното искуство, детално ја опишува работата во изминатите неколку недели и изразува надеж дека во наредните месеци секој ќе може „конкретно да учествуваат во динамиката на мисионерското заедништво означено со зборот „синода““.

Писмо од 16. редовното Генерално Собрание на Епископската Синода до Божјиот народ

Драги сестри, драги браќа,

Како што завршува работата на првата седница на 16. редовно Генерално Собрание на Епископската Синода, сакаме да му благодариме на Бога заедно со сите вас за убавото и збогатувачко искуство што го доживеавме. Ова благословено време го живеевме во длабоко заедништво со сите вас. Бевме поддржани од вашите молитви, носејќи ги со вас вашите очекувања, вашите прашања, како и вашите стравови. Како што побара папата Фрањо пред две години, започна долг процес на слушање и расудување, отворен за целиот Божји народ, никој не е исклучен, да „оди заедно“ под водство на Светиот Дух, ученици мисионери ангажирани да го следат Исус Христос.

Собрането на кое сме собрани во Рим од 30 септември е важна фаза од овој процес. На многу начини тоа беше искуство без преседан. За прв пат, по покана од папата Фрањо, се поканети мажи и жени, врз основа на нивното крштевање, да седнат на иста маса за да учествуваат, не само во дискусиите, туку и во процесот на гласање на ова Собрание на Епископската Синода. Заедно, во комплементарноста на нашите звања, нашите харизми и нашите служби, интензивно го слушавме Божјото Слово и искуството на другите. Користејќи го методот на разговор во духот, понизно го споделивме богатството и сиромаштвото на нашите заедници од секој континент, барајќи да откриеме што сака Светиот Дух да и каже на Црквата денес. На тој начин, исто така, ја доживеавме важноста од поттикнување на меѓусебната размена меѓу латинската традиција и традициите на источното христијанство. Учеството на братски делегати од другите Цркви и црковни заедници длабоко ги збогати нашите дискусии.

Нашето собрание се одржа во контекст на свет, кој е во криза, чии рани и скандалозни нееднаквости болно одекнуваат во нашите срца, давајќи и на нашата работа посебна тежина, особено што некои од нас доаѓаат од земји каде беснее војна. Се молевме за жртвите на смртоносното насилство, без да ги заборавиме сите оние кои бедата и корупцијата ги принуди да се упатат по опасниот пат на миграцијата. Ја ветивме нашата солидарност и посветеност со жените и мажите ширум светот кои работат на градење правда и мир.

По барање на Светиот Отец, направивме значителен простор за тишина за да се поттикне во нас заемно слушање и желба за заедништво во Духот. За време на воведното екуменско бдение доживеавме како се зголемува жедта за единство во тивката контемплација на распнатиот Христос. Всушност, крстот е единствената катедра на Оној Кој, откако се даде себеси за спасение на светот, ги довери Своите ученици на Својот Отец, за „сите да бидат едно“ (Иван 17,21). Цврсто обединети во надежта што ја донесе Неговото Воскресение, Му го доверивме нашиот заеднички дом каде што повикот на земјата и сиромашните стануваат сè поитни: „Laudate Deum! (Фалете го Бога!), како што нѐ потсети папата Фрањо на почетокот од нашата работа.

Од ден на ден, го чувствувавме итниот повик за пасторално и мисионерско преобраќање. Зашто, повик на Црквата е да го навестува Евангелието не фокусирајќи се на себе, туку ставајќи се себеси во служба на бесконечната љубов со која Бог го засака светот (сп. Иван 3,16). Кога бездомниците во близина на плоштадот Свети Петар беа прашани за нивните очекувања од Црквата по повод оваа Синода, тие одговорија: „Љубов!“. Таа љубов мора секогаш да биде огненото срце на Црквата, троична и евхаристиска љубов, како што потсети Папата на 15 октомври, на средината на нашиот собир, повикувајќи се на пораката на Света Тереза од Детето Исус. „Довербата“ е она што ни дава смелост и внатрешна слобода што ја искусивме, не двоумејќи се слободно и понизно да ги изразиме нашите конвергенции, разлики, желби и прашања.

И сега? Се надеваме дека месеците што водат до втората седница во октомври 2024 година ќе им овозможат на сите конкретно да учествуваат во динамиката на мисионерско заедништво означено со зборот „синода“. Не станува збор за идеологија, туку за искуство вкоренето во апостолската традиција. Како што нè потсети Папата на почетокот на овој процес, „заедништвото и посланието може да ризикуваат да останат малку апстрактни, ако не ја негуваме црковна практика која ја изразува конкретноста на синодалноста (…) охрабрувајќи вистинска вклученост на секој и на сите“ (9 октомври 2021 година). Има многу предизвици и многу прашања: сумираниот извештај од првата сесија ќе ги специфицира точките на договор што ги постигнавме, ќе ги нагласи отворените прашања и ќе укаже како ќе продолжи нашата работа.

За да напредува во своето расудување, Црквата апсолутно треба да ги слуша сите, почнувајќи од најсиромашните. Ова бара пат на преобраќање од своја страна, кој воедно е и пат на пофалба: „Те прославувам, Оче, Господи на небото и на земјата, оти си го сокрил ова од мудрите и разумните, а си го открил на простите. Така е, оти таква беше волјата Твоја” (Лука 10,21)! Тоа значи слушање на оние на кои им е скратено правото да зборуваат во општеството или кои се чувствуваат исклучени, дури и од Црквата; слушање на луѓе кои се жртви на расизам во сите негови облици – особено во некои региони со домородни народи чии култури биле презирани. Пред сè, Црквата на нашето време има должност да ги слуша, во дух на преобраќање, оние кои биле жртви на злоупотреба извршена од членовите на црковното тело и да се обврзе конкретно и структурно да се погрижи тоа да не се случи повторно.

Црквата, исто така, треба да ги слуша мирјаните, жените и мажите, сите повикани на светост преку крштението: сведоштвото на катехистите, кои во многу ситуации се првите навестители на Евангелието; едноставноста и живоста на децата, ентузијазмот на младите, на нивните прашања и нивните молби; на соништата, мудроста и сеќавањето на постарите луѓе. Црквата треба да ги слуша семејствата, нивните грижи за воспитување, христијанското сведоштво што тие го нудат во денешниот свет. Треба да го поздрави гласот на оние кои сакаат да бидат вклучени во лаичките служби и да учествуваат во структурите за расудување и одлучување.

За да напредува понатаму во синодалното расудување, Црквата особено треба уште повеќе да ги прифати зборовите и искуството на ракоположените служители: свештениците, примарните соработници на епископите, чија светотаинска служба е незаменлива за животот на целото тело; ѓаконите, кои преку својата служба ја означуваат грижата на целата Црква за најранливите. Таа, исто така, треба да дозволи да биде потпрашувана и од пророчкиот глас од лицата со посветен живот, будниот чувар на повикот на Духот. Таа, исто така, треба да биде внимателна кон сите оние кои не ја споделуваат нејзината вера, но ја бараат вистината, и во кои е исто така Духот, кој „на сите им нуди можност да бидат поврзани со ова  пасхално таинство“ (Gaudium et Spes 22), присутни и оперативни.

„Светот во кој живееме и кој сме повикани да го сакаме и да му служиме, дури и со неговите противречности, бара Црквата да ја зајакне соработката во сите области на нејзиното послание. Токму овој пат на синодалност Бог го очекува од Црквата од третиот милениум“ (папа Фрањо, 17 октомври 2015 година). Не треба да се плашиме да одговориме на овој повик. Нашето ходочестие го придружува Марија, Мајката на Црквата, која е прва на патот. Во радост и во тага ни го покажува својот Син и нѐ повикува да веруваме. А Тој, Исус, е нашата единствена надеж!

Ватикан, 25 октомври 2023 година

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот