Да се надеваш против секоја надеж – за овој фундаментален христијански парадокс говореше папата Фрањо на Генералната аудиенција на 28 декември 2016 година.
Светиот Отец го започна своето размислување со Посланието на свети Павле до Римјаните каде во четвртата глава стои: „Авраам без никаква основа за надеж, поверува со надеж дека ќе стане татко на многу народи“ (Рим 4, 18). Папата потоа продолжи: Свети Павле говори за верата со која Авраам му поверувал на Бог, а Кој му ветил син. Тоа навистина била надеж против секоја надеж, тоа што Господ на Авраам му го најавил било неверојатно затоа што тој бил стар – имал речиси сто години – а жена му била неротка. Но, тоа му го кажал Бог и затоа Авраам поверувал. Со вера во тоа Божјо ветување Авраам тргнува на пат… Авраам поверувал. Неговата вера се отвора за надежта која наизглед е неразумна.
Така е тоа со надежта – продолжи Светиот Отец – нѐ отвора за нови хоризонти и ни дозволува да сонуваме за работи кои едвај се замисливи. Надежта ни дозволува да влеземе во темнината на неизвесната иднина… Убава е таа карактеристика на надежта! Таа ни дава многу сила за да можеме да одиме низ животот. Но, тој пат не е едноставен. И кај Авраам настапува време на криза, обесхрабрување. Поверувал, го напуштил својот дом, својата земја, своите пријатели, сѐ. Тргнува на пат и доаѓа во земјата која Бог му ја ветил… Во тоа време не се патувало како денес со авион, туку тогаш патувањето траело со месеци, па и со години! Времето минувало, но синот не доаѓал, утробата на Сара во својата неплодност останала затворена – рече Папата.
Папата рече дека во срцето на Авраам настапила темнина од разочарувањето, обесхрабрувањето, тешкотија да продолжи да се надева на нешто што му изгледа невозможно. Премногу е стар, изгледа дека нема време за синот и дека слугата ќе наследи сѐ. Во таа криза Авраам се свртува кон Бог и се жали. И тоа го учиме од нашиот татко Авраам – истакна Светиот Отец – да се жалиме на Бог е еден облик на молитва. Понекогаш во исповедта знам да слушнам: „Се жалев на Бог, истресов пред Господ сѐ што ми беше на срцето…“ Тогаш им одговарам: „Само така, жали се, па Он е Отец!“ И тоа е облик на молитва: да се жалиш на Господ, тоа е добро – рече папата Фрањо.
Бог реагира на жалењето од Авраам– рече Папата и додаде: Му порачува дека неговиот слуга Елиезер дамаскинецот нема да биде негов наследник, туку тоа ќе биде неговиот потомок. Господ на Авраам му кажал да погледне во небото и да ги изброи ѕвездите затоа што толкаво ќе биде потомството негово. Авраам му поверувал на Господ и Тој тоа му го примил за оправдание. И покрај сѐ Авраам продолжува да верува во Бог и се надева дека уште нешто може да се случи. Инаку зошто Господ би го повикувал, зошто би го потсетувал на неговото ветување? – рече Светиот Отец и продолжи:
Верата не е само молчење, послушно прифаќање на сѐ. Надежта не е сигурност која нѐ спасува од сомнеж и збунетост. Многу пати надежта е темна… но надежта постои и нѐ води напред. Исто така верата е борба со Бог: да му ја покажеме нашата огорченост без „побожни“ фикции. Лут сум на Бог и му го кажав тоа и тоа – но Тој е Отец, те разбира, оди во мир! Имајте ја таа храброст. Тоа е надеж. Надежта исто така не се плаши да ја види реалноста онаква каква што навистина е и да ја прифати противречноста.
Знакот кој Бог му го дава на Авраам – рече Светиот Отец – е повикот и понатаму да верува и да продолжи да се надева: „Погледни на небото и изброј ги ѕвездите (…) Толкаво ќе биде потомството твое“ (1Мој 15, 5). Сѐ уште е тоа ветување, сѐ уште е тоа нешто што треба да се очекува во иднината. Бог го изведува Авраам од шаторот, од неговиот тесен поглед и му ги покажува ѕвездите. За да поверува неопходно е да научи да гледа со очите на верата; не се тоа само обични ѕвезди кои сите можат да ги видат, туку за Авраам треба да станат знак на Божјата верност. Токму тоа е верата, тоа е патот на надежта по кој секој од нас мора да оди – рече на крајот папата Фрањо.
РВ/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк