Мачеништвото на свети Иван Крстител: Со вистината нема компромис
Мачеништвото на свети Иван Крстител, Исусовиот Претеча е голем празник во Црквата. Во Римскиот календар тој е единствениот светител, кој се слави на неговото раѓање, 7 јули, но и неговата маченичка смрт. Овој празник потекнува од посветувањето на една крипта во Севастија, Самарија, кога веќе во средината на четвртиот век, се почитува неговата глава. Почитувањето покасно се проширило во Ерусалим, во Источните Цркви и во Рим, а празникот го добива името Отсекување на главата на свети Иван Крстител. Во Римската мартирологија се спомнува уште едно пронаоѓање на таа скапоцена реликвија, која во посебна прилика е пренесена во црквата Свети Силвестер во Кампо Марци, Рим.
Тие мали историски потсетници ни помагаат да сфатиме колку е древно и длабоко почитувањето на светиот Иван Крстител. Во Евангелието многу јасно е истакната неговата улога во поглед на Исус. На посебен начин, свети Лука го опишува неговото раѓање, живот во пустината, проповедувањето, а свети Марко ни зборува за неговата драматична смрт. Иван Крстител го започнува своето проповедање за време на царот Тивериј, помеѓу 27 и 28 година после Христос, а на народот кој го слуша му упатува јасен повик да го подготви патот за прифаќање на Господ и да ги исправи кривите патишта од сопствениот живот преку преобраќање на срцата (сп. Лука 3,4) Меѓутоа Крстителот не се ограничува само на проповедање покора и преобраќање, туку го признава и Исус како „Јагне Божјо“, кое дојде да ги земе гревовите на светот (Иван 1,29), има голема понизност да покаже на Исус како вистински Божји Месија, повлекувајќи се во втор план за да може Христос да расте, да биде слушан и наследуван. Како последен чин од својот живот, Крстителот сведочи со крв за својата верност кон Божјите заповеди, не повлекувајќи се и не бегајќи, до крај го исполнува своето послание. Свети Беда, монах од деветиот век, во своите хомилии вели дека Иван го дава за Христос својот живот, иако не му е наредено да се откаже од Исус Христос, наредено му е да не ја говори вистината (usp. Om. 23: CCL 122, 354). Тој не прифати да молчи за вистината и така умре за Христос, кој е Вистина. Токму од љубов кон вистината не прифати компромиси и не се плашеше да упати остри зборови кон оние кои се отргнаа од Божјиот пат.
Го гледаме тој голем лик, таа сила со голема љубов, во отпорот кон моќниците. Да се запрашаме: од каде доаѓа таквиот живот, толку силен, толку исправен, толкава доследна интериорност, на потполн начин потрошен за Бог и да се подготви патот за Исус? Одговорот е едноставен: од односот со Бог, од молитвата, која е алка водителка низ целиот негов живот. Иван е Божји дар за кого неговите родители, Захарија и Елисавета (сп. Лука 1,13), долго ќе молат; тој е голем дар, бидејќи гледано човечки немало никакви изгледи нивните молитви да станат реалност, бидејќи и двајцата веќе беа во поодминати години, а Елисавета била неплодна (сп. Лука 1,7); но за Бог ништо не е невозможно (сп. Лука 1,36). Навестувањето на тоа раѓање се случува токму на молитвено место, во ерусалимскиот храм и уште повеќе се случува кога Захарија имаше голема привилегија да влезе во најсветото место во храмот за да му принесе темјан на Господ (сп. лука 1,8-20). И раѓањето на Крстителот е во знакот на молитва; химна на радост, пофалба и благодарење која Захарија ја воздигнува на Господ, го величи Божјото делување во историјата и на пророчки начин го назначува посланието на синот Иван: ќе биде Претеча на Синот Божји кој се овоплоти за да му ги подготви патиштата (сп. Лука 1,67-79).
Целиот живот на Претечата е окрепуван преку односот со Бог, а на посебен начин периодот кој го помина во пустинските краеви (сп. Лука 1,80); пустинските краеви се место на искушенија, но исто така и места во кои човекот го чувствува сопственото сиромаштво, бидејќи е лишен од материјалните поткрепи и сигурности и сфаќа дека единствено цврсто упориште е самиот Бог. Но Иван Крстител не е само човек од молитва, во постојан контакт со Бог, туку истовремено е и водач на други во тој однос. Евангелистот Лука говорејќи за молитвата која Исус ги научи своите ученици, Оче наш, забележува дека тоа барање на учениците е формулирано со овие зборови: „Господи, научи нè да се молиме, како што ги научи Иван учениците свои” (сп. Лука 11,1).
Драги браќа и сестри, да се слави мачеништвото на свети Иван Крстител исто така нѐ потсетува и нас, христијаните од ова наше време, дека не треба да се прифаќаат компромиси, кога станува збор за љубовта кон Христос, неговото Слово, вистина. Вистината е вистина и тука нема компромиси. Христијанскиот живот бара така кажано „мачеништво“ со секојдневна верност кон евангелието, храброст да му дозоволиме на Христос да расте во нас и Христос да ги насочува нашите мисли и нашето делување. Но тоа може да се случи во нашиот живот единствено ако постои цврста поврзаност со Бог. Молитвата не е изгубено време, не е скратување на времето за делување, па тоа и да е апостолско, туку напротив: единствено ако сме способни да имаме живот со верна, постојана и со доверба молитва, самиот Бог ќе ни даде храброст и сила да живееме среќно и радосно, да ги надминуваме тешкотиите и храбро да сведочиме. Свети Иван Крстител нека нѐ застапува кај Бог и во нашиот живот секогаш нека биде на прво место.
(Катехеза на папата Бенедикт XVI на Генералната аудиенција, 29 август 2012)