Велики Петок: Крикот на Божјата љубов од крстот

На овој ден, како што го нарекуваме Велики Петок, конечно се открила, во својата морничава темнина, реалноста која секогаш вреди и постојано се поднесува:

соблазната и како што вели Павле, лудилото на крстот, но токму тоа е Божјата мудрост и сила за оние кои веруваат. Литургијата на Великиот Петок е проткаена со темата за мачеништвото кое ѝ претходи на славната победа, чиј сведок е литургиската црвена боја. Овој ден не е ден на тагата, туку ден на мачеништвото и размислувањето за Христовиот земски завршеток на Голгота.

Обредот на Великиот Петок се смета за најсвечен во целата литургиска година. Овој ден не се служи света Евхаристија, бидејќи на овој ден е принесена Христовата крвна жртва. Богослужбата во чест на крстот ја заменува светотаинската слава на Христовата жртва. Самиот обред се состои од три дела: Литургија на Словото, поклонување на крстот и на крајот Света Причест.

Литургијата на Велики Петок, без посебни воведни обреди, започнува со чинот на поклонување од страна на свештеникот и верниците, со кое се дава длабока почит на голиот олтар, на Христос кој за нас е посветен и со целосна посветеност на небескиот Отец. Литургијата на Словото нѐ воведува да ги разбереме Христовите маки и смрт на крстот. Првото читање од пророкот Исаија за слугата на Јахве и читањето од Посланието до Евреите за Христос Големиот свештеник нѐ воведува во средиштето на славата од оваа богослужба – во содржината на страданијата на нашиот Господ Исус Христос според евангелистот Иван. Исус знае „дека Му дојде часот Негов за да премине од овој свет кон Отецот (Иван 13, 1).

Во централната улога на другиот дел од литургјата на Велики Петок се наоѓа крстот. По Литургијата на Словото, свештеникот свечено го открива крстот пеејќи три пати? „Еве го дрвото на крстот на кое висеше Спасението на светот!“, а верниците одговараат: „Дојдете, да му се поклониме!“. Со симболично поклонување на Светиот Крст му даваме на Христа личен одговор на неговата понуда за спасение.

Третиот дел на литургијата е Светата Причест. Обредот на Светата Причест почнува со молитвата ‘Оче наш’ после кое следи самиот чин на причестување, молитва во тишина, послепричесна молитва и молитва над народот после кое верниците во тишина си заминуваат, а Црквата останува во исчекување на Христовото воскресение.

Хрстовиот завршеток, на прв поглед, е скандал и потполно лудило. Да се даде својот живот на оној начин е срамен неуспех. Но понекогаш работите не се такви како изгледаат на прв поглед… Христовата жртва на крстот е манифестација на Божјата добрина кон малиот човек. Со цел грешниот човек да се помири со Бога, Исус „се понизи земајќи лик на слуга, станувајќи сличен на луѓето… послушен до смрт, смрт на крстот“ (сп. Филипјани 2, 5-11). Го прими на себе крстот за да ја покаже длабочината на Божјата љубов.

Дури и тогаш кога ми се чини дека и Бог ме оставил, Исус е со мене. Тој тоа го доживеа на крстот. Одговорот на неговото страдание беше само голема тишина. Исус почувствува што значи да се биде сам, напуштен и далеку од Бога, а својата осаменост ја опишува со зборовите на псалмистот: „Боже мој, Боже мој, зошто ме остави?“ (Матеј 27, 46). Кога одвнатре ме јаде непознато страдание и кога чувствувам само мака и неволја, Тој е со мене.

Великиот Петок е ден на тишина и кулминација на големопосната жалост. Светот на овој ден молчи за да го слушне Божјиот крик кој од крстот му порачува на човекот и порај неговите злодела, дека го сака. Затоа човекот коленичи пред крстот и ги слуша Исусовите зборови: „Оче, прости им, зашто не знаат што прават!“.

На овој ден ја откриваме неограничената Божја љубов и во нашата душата се слуша ехот од зборовите на надежта кои распнатиот Исус му ги упатува на покајаниот разбојник дека „уште дене ќе биде со Него во рајот“.

Фра Далибор Милас/З.А.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцјата на Католици.мк

За авторот