Кардиналот Бањаско ја осуди корупцијата и родовата теорија

На 23 март оваа година, претседателот на Италијанската Епископска конференција, кардиналот Анџело Бањаско, ја отвори седницата на Постојаниот Епископски совет на Италијанската Епископска конференција при што остро ги осуди прогоните на христијаните, родовата теорија, нечесноста и корупцијата.

Отворајќи ја седницата на Постојаниот Епископски Совет на Италијанската Епископска конференција, кардиналот Анџело Бањаско, претседател на Италијанската Епископска конференција, остро ги осуди прогоните на христијаните, велејќи дека се „варварски и намерни“; ја повика италијанската влада да се соочи со нечесноста и корупцијата, бидејќи станаа „режим“. Ја поттикна и Европа да биде поодговорна и повнимателна за општото добро и кон мигрантите и повторно го потврди правото на родителите слободно да ги воспитуваат своите деца, осудувајќи ја идеолошката колонизација, односно родовата теорија.

Пред нас е годината на милосрдието, годината на преобраќањето и навестувањето, бидејќи Христос е лице на Божјето милосрдие, исто така и година на ‘споделувањето’ на човечката беда – рече кардиналот мислејќи и на вонредната Света година. Зборувајќи пак за прогоните на христијаните, се праша за можните причини за прогонот на верските малцинства, особено кон христијаните: омраза кон Западот, безмилосно внатрешно усогласување на сметките или провокација? Разумот не може да не го осуди „’сечењето грла’ во Божјо име“, варварската и намерната суровост“, морничавото знаме подигнато на местото на крстот никако не може да ја убие љубовта кон Христос во срцата на христијанските маченици – рече кардиналот.

Обраќајќи се на Европа, која на своите деца им овозможува да се борат во редовите на самопрогласената Исламска држава, кардиналот ја поттикнува на подетален испит на совеста, бидејќи со занемарувањето на духовните, моралните и антрополошките вредности ги изложува граѓаните на „неморална мотивација“. Осврнувајќи се пак на состојбата во Италија, кардиналот „со прст покажа“ во неморалот и непочитувањето, велејќи дека тоа е разгранет и недопирлив „режим“: корупцијата го загадува воздухот, ја труе надежта, ја ослабнува моралната сила. Против неа сите мора да се борат – истакна кардиналот Бањаско.

Обраќајќи се на светот на културата и на образованието, кардиналот охрабри на будење на свеста пред „големата колонизација од страна на родовата теорија“, бидејќи сака да создаде „флуидни“ луѓе кои бараат секоја нивна желба да се смета за потребна – а после тоа – да се прогласи и со закон. Лабораториската манипулација не е одраз на волјата на народот: не треба да се плашиме затоа што никој не може да го негира на родителите „правото на образование на нивните сопствени деца“ – предупреди кардиналот.

На крајот кардиналот се осврна и на невработеноста, како и на миграцијата на Медитеранот. Не е доволно „да се пополнат дупките“, туку треба да се вложи во стручноста; пред трагедијата на мажите, жените и децата, кои со надеж го преминуваат морето, бегајќи од насилства, од војната и од бедата, потребна е поефикасната европска интеграција и присуство, внимателна за општото добро, а не само за националните интереси – предупреди кардиналот Бањаско.

РВ/З.А.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Свет

За авторот