Историски консензус на католичките и православните теолози

После седумдневно пленарно заседавање во италијанскиот град Чиети, Меѓународната мешовита комисија за теолошки дијалог помеѓу Католичката црква и Православните цркви го потврди заедничкиот документ со наслов: „Кон заедничко разбирање на синодалноста и приматот во првото илјадалетие, во служба на единство на Црквите“.

Овој важен документ е плод на консензус постигант веќе во претходните две заседанија во Аман 2014 година и Рим 2015 година, а бидејќи станува збор за едно од најделикатните прашања за односите на двете Цркви, можеме да кажеме дека се работи за историски настан и покрај противењето на Грузиската православна црква за одредени делови од текстот.

Според зборовите на митрополитот Иларион, челник на одделот за надворешни работи на Руската православна црква и предводник на руската делегација по успешно завршената работа би требало да следува ново заседание на кое би требало да се започне расправа за синодалноста и приматот во Црквите на Исток и Запад во текот на второто илјадалетие.

Заедничкиот документ ќе биде објавен наскоро, а темата и местото на одржување на следната средба уште не се одредени. Договорено е само дека одлуката да биде донесена 2017 година.

На 14. Пленарно заседание во Чиети учествуваа 56 делаги – 28 католички и 28 православни, односно по двајца претставници од 14 Православни цркви. Со собранието од Католичката црква претседаваше претседателот на Папскиот совет за промовирање на единство на христијаните, кардинал Курт Кох, додека архиепископот Јов Геча, претставник на Цариградскиот екуменски патријарх при Екуменскиот совет на Цркви ја претставуваше православната страна.

к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Свет

За авторот