Да ја откриеме убавината на Божјата љубов во својот живот

Да ја откриеме убавината на Божјата љубов во својот живот

Бог секогаш е верен на својот сојуз; му бил верен на Авраам и на спасението ветено во својот Син Исус – истакна папата Фрањо во проповедта на светата Литургија на 6 април 2017 година во домот Света Марта.

Притоа поттикна денес да застанеме десет минути и да размислиме за својот живот за да ја откриеме убавината на Божјата љубов и во искушенијата.

Во центарот на денешната Литургија, и проповедта на Папата е Авраам. Првото читање зборува за сојузот кој Бог го воспоставува со Авраам, кој што, Исус и фарисеите во Евангелието го нарекуваат „татко“, затоа што Тој започнал да го создава тој народ кој денес е Црквата. Авраам се доверува, послушно го прима повикот да оди во друга земја која ќе ја добие во наследство.

Авраам, човек на верата, се уверува дека Бог не го измамил

Човек со вера и надеж, верува кога му се вели дека со 100 години ќе добие син, и тоа со неплодна жена; верувал против секоја надеж. Кога некој би сакал да го опише животот на Авраам, би можел да каже: „Тој е сонувач“ – рече Папата. Имал нешто сонувачко, но од сонот надеж; не бил луд – рече Светиот Отец и објасни: Откако го добил синот, кога станал момче, побарано е од него да го принесе синот како жртва. Послушал и продолжил и покрај секоја надеж.

Тоа е нашиот татко Авраам, кој оди напред, и кога Исус вели дека Авраам го видел неговиот ден, го видел Исуса, бил полн со надеж. Тоа била радост заради тоа што ја видел полнотата на ветувањето, затоа што видел дека Бог не го измамил, дека Бог е – како што молевме во химната меѓу читањата – секогаш верен на својот сојуз – истакна Папата. Истиот псалм повикува на сеќавање на Неговите чудеса. Тоа за нас е потомството на Авраам, како кога мислиме на својот татко кој повеќе го нема, и ги спомнуваме „убавите работи на тато“ – рече папата Фрањо.

Авраам е послушен и верува против секоја надеж

Од страна на Авраам сојузот е во тоа што тој секогаш бил послушен – рече Папата. Од Божја страна пак ветувањето дека ќе го направи татко на многу народи. „Повеќе нема да се викаш Аврам, туку името ќе ти биде Авраам“ му вели Господ. Потоа во друг разговор, во Книгата Битие, Бог му вели дека неговото потомство ќе биде бројно како ѕвездите на небото и песокот на морскиот брег. А ние денес можеме да кажеме: Јас сум една од тие ѕвезди. Јас сум зрно од тој песок – истакна Светиот Отец.

Да ја гледаме историјата – ние сме народ

Токму тоа е важна порака, и Црквата денес нè повикува да застанеме и да ги погледнеме своите корени, нашиот татко кој од нас направил народ, небо полно со ѕвезди, брег полн со зрнца песок. Треба да ја гледаме историјата; не сум сам, јас сум народ. Да одиме заедно. Црквата е народ. Но, народ кој Бог го сонувал, народ кој дал татко на земјата, кој бил послушен; и имаме брат кој го дал својот живот за нас. И така можеме да го гледаме Отецот и да благодариме; да го гледаме Исуса и да благодариме; и да го гледаме Авраам и себе кој сме дел од патот – рече Папата.

Да застанеме за да ја откриеме и во лошите работи убавината на Божјата љубов

Светиот Отец поттикна денешниот ден да го направиме ден на сеќавање, истакнувајќи дека во таа голема историја во смисла на Бог и Исус, се наоѓа мала историја на секој од нас. Ве повикувам денес да посветите пет, десет минути, да седнете, без радио, без телевизија и да размислете за сопствениот живот: за благодатите и за неволјите, за сè. За милостите и гревовите, за сè. И видете ја во нив верноста на Бог кој останал верен на својот сојуз, кој останал верен на ветувањето кое му е дадено на Авраам, кој останал верен на спасението кое е ветено во својот Син Исус. Ако тоа денес го направиме, сигурен сум дека и меѓу, можеби и лошите работи – затоа што сите ги имаме во животот – ќе ја откриеме Божјата љубов, убавината на Неговото милосрдие, убавината на надежта. И сугурен сум дека сите ќе бидеме полни со радост – истакна на крајот папата Фрањо.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот