Папата: Ако не знаеш да простиш тогаш не си христијанин

За мирот и помирувањето зборуваше Светиот Отец во проповедта на светата Литургија на 10 септември во капелата на домот Света Марта. Папата ги осуди оние кои произведуваат оружје за да се убива во војните, а ги повика верниците да се чуваат од конфликти во христијанските заедници; 

Исус е кнез на мирот, бидејќи раѓа мир во нашите срца. Осврнувајќи се на денешните литургиски читања, а зборувајќи за мирот и помирувањето, Светиот Отец запраша дали доволно се заблагодаруваме за дарот на мирот кој сме го примиле од Исус. Мирот е понуден, но не е прифатен. Гледајќи ги телевизиките вести и читајќи весници секој ден гледаме војување, уништување, омраза, непријателства – рече Папата.

Некои мажи и жени многу работат за да произведат оружје за убивање кое на крајот е облиено со крвта на невин народ. Војните постојат, исто така и подготовки за војување, се произведува оружје за да се убиваат луѓе. Војната уништува и задушува, а мирот спасува и овозможува живот и раст – рече папата Фрањо.

Сепак, додаде Папата, војната не е само тоа што го гледаме на телевизија, војни има и во нашите христијански заедници, меѓу нас. Денешната литургија ни го дава овој совет: Помирете се меѓу себе. Простувањето е клучен збор. Како што Господ ви прости, така и вие простувајте – истакна Светиот Отец и додаде:

Ако не знаеш да простиш тогаш не си христијанин. Можеш да бидеш добар човек, добра жена… Но, не го правиш она што Господ го направил. Исто така ако не простуваш од Господ не можеш да добиеш мир, неговото простување. А секој ден во Оче наш молиме: прости ни како што и ние простуваме… Тоа е услов. Го условуваме Бог да ни прости како што и ние простуваме. Дали тие се празни зборови како зборови на една позната песна … Пароли! Како што Господ ви простил, правете и вие така – поттикна Папата.

Потребна е „христијанска трпеливост“ продолжи Папата. Во нашиот свет има многу храбри жени кои трпат заради доброто на семејството, поднесуваат непријатности и неправди на своите деца: поднесуваат и одат напред со семејството. Во нашиот христијански народ има многу храбри мажи кои рано стануваат и одат на работа, често неправедно и лошо платени за навечер да се вратат дома и да ги издржуваат своите жени и деца? Тие се праведни. Но, има и такви чиј јазик работи како да водат војна, бидејќи јазикот уништува, војува. Има уште еден клучен збор кој Исус го изговара, а тоа е милосрдие. Важно е да се сфатат другите и да не се осудуваат – рече Папата.

Бог Отецот е многу милосрден, секогаш простува, секогаш сака со нас да биде во мир. Но, ако ти не си милосрден, тогаш и Господ со тебе би можел да биде немилосрде,н бидејќи ќе ни се суди со иста мерка со каква судиме. Ако си свештеник, а не се чувствуваш милосрден кажи му на својот епископ да те стави во администрација; никако немој да влегуваш во исповедалница. Ако свештеникот не е милосрден во исповедалницата прави зло. Стап на народот – рече Папата додавајќи:

Па, Оче милосрден сум, но малку сум нервозен. Тоа може да биде вистина… Но пред да одиш во исповедалницата, оди кај лекарот да ти даде таблети за смирување, но биди милосрден… И меѓу себе треба да бидеме милосрдни. Он го направил тоа и тоа… а што сум направил јас? Тој е поголем грешник од мене! Кој пак може да каже дека другиот е поголем грешник од него? Никој од нас тоа не може да го каже, бидејќи само Бог тоа го знае – кажа Папата.

Како што учи свети Павле треба да се облечеме со „чувствата на нежност, добрина, понизност, благост и великодушност.“ Тоа е христијански стил со кој Господ направи мир и помирување, а не горделивоста, осудата и озборувањето на другите. Нека Господ ни даде милост взамно да се поднесуваме, да простуваме да бидеме милосрдни, како што Господ е милосрден со нас – заврши Светиот Отец.

РВ/к.мк/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот