Актуелната претседателка и главна оперативна директорка на EWTN News, Марија Монсерат Алварадо, во ноември ќе го наследи Паоло Руфини, продолжувајќи го патот на реформи и обнова започнат од папата Фрањо.
Папата Лав XIV ја именува Марија Монсерат Алварадо, актуелна претседателка и главна оперативна директорка на EWTN News, за префект на Дикастеријата за комуникации, со стапување на должност од 1 ноември 2026 година.
Родена во Мексико Сити, Алварадо се стекнала со академски дипломи од Меѓународниот универзитет во Флорида и од Универзитетот „Џорџ Вашингтон“. Од 2009 до 2023 година извршувала раководни функции во Фондот „Бекет“ за верска слобода, учествувајќи во иницијативи посветени на одбраната на верската слобода и промоцијата на човечкото достоинство.
Од 2023 година е претседателка и главна оперативна директорка на EWTN News, новинската гранка на Eternal Word Television Network. Таму ги надгледува меѓународните медиумски платформи кои произведуваат содржини на седум јазици, преку телевизија, радио, печатени медиуми, дигитални платформи и социјални мрежи.
Со именувањето на Алварадо, папата Лав XIV го продолжува патот на реформи и обнова на Римската курија започнат од папата Фрањо, преку кој мирјани верници, мажи и жени, добиваат раководни и одговорни служби во служба на универзалната Црква. Алварадо е првата жена лаик назначена за префект на дикастерија на Светиот престол.
Дикастеријата за комуникации беше основана од папата Фрањо на 27 јуни 2015 година, како дел од реформата на Римската курија. Таа ги надгледува комуникациските системи на Светиот Престол, меѓу кои Vatican News, Vatican Radio, L’Osservatore Romano, Vatican Media, со фото, аудио и видео услуги, Канцеларијата за печат на Светиот престол, Ватиканската издавачка куќа, Ватиканската печатница и Ватиканската филмотека.
Покрај оперативните и технолошките функции што ѝ се доверени, Дикастеријата ги продлабочува и развива и соодветните теолошки и пасторални аспекти на делувањето на Црквата во областа на комуникацијата. Алварадо ќе го наследи Паоло Руфини, кого папата Фрањо во 2018 година го именува за прв лаик префект на една дикастерија на Римската курија. Руфини во октомври ќе наполни 70 години.
Во изјава објавена по именувањето, Алварадо рече:
„Иако ова именување беше неочекувано, го примам со искрена желба да му служам на Светиот Отец додека го започнува својот понтификат. Му благодарам на Паоло Руфини за неговото водство во изминатите години и со пријателство и надеж очекувам да го продолжам важното дело на зајакнување на Дикастеријата, за таа да може и понатаму да ѝ служи на Црквата во Рим и насекаде, објавувајќи Го Христос на светот.“
Руфини испрати писмо до персоналот на Дикастеријата за комуникации, во кое напиша:
„Дикастеријата во самата своја ДНК ја има вградено должноста постојано да биде во чекор со светот на комуникацијата, кој брзо се менува. Од моментот кога се родивме како институција, нашата ѕвезда водилка беше и останува ова: никогаш да не застанеме, да ја предадеме палката додека продолжуваме да трчаме, да бидеме присутни овде и сега, во овој час, како мерило на комуникација која е инструмент на заедништво што расте со текот на времето.
Влегов во последниот круг од трката, пред моментот кога, на долгото патување што е нашиот работен век, откако ќе ја достигнам возраста од 70 години, возраста утврдена за пензионирање, ќе ѝ ја предадам палката на Монсерат Алварадо како следен префект. Добро се познаваме. Во наредните месеци ќе работиме тесно заедно, во духот на заедништвото што нè обединува во Црквата.“
„Благодарен сум на големото семејство на Дикастеријата“, додаде тој, „за патот што го поминавме заедно во текот на овие осум години. Сега го започнуваме процесот на непречена транзиција во наредните месеци, за да ѝ помогнеме на Дикастеријата да продолжи да расте во служба на Светиот Отец и во својата мисија да служи во дух на единство и отвореност.“
Мајкл П. Варшав, претседател на Управниот одбор и главен извршен директор на EWTN, рече дека Алварадо ја стекнала „довербата и почитта на сите што имале привилегија да работат покрај неа“ во текот на годините поминати во мрежата.
Тој додаде:
„Ѝ ги нудиме нашите молитви, нашето охрабрување и целосната поддршка од семејството на EWTN додека ја започнува оваа важна мисија во служба на папата Лав XIV и неговиот понтификат.“
Ватикан њуз/к.мк

