Да се истрае во себедарувањето
Велат дека е тешко денес да се основа семејство. И навистина не е лесно. Не е лесно да се истрае во себедарувањето, ставајќи ги своите желби и потреби во позадина (што тоа се подразбира кога некој има деца) додека целиот свет ти го препорачува токму спротивното: дека единствената и вистинска среќа лежи во тоа до крај да си угодиш себе си.
Промоцијата на таквиот хедонизам толку се вовлече во сите пори на денешниот начин на размислување што себе и својот живот и несвесно го мериме според тие нови мерила. Спознанието дека ние и нашиот начин на живот сѐ повеќе се разликува од мнозинството не е нешто со што – со сите тековни грижи и проблеми – најлесно се носиме. Исто така не е лесно да се истрае во таквите свои вредности и на тој начи да се воспитуваат децата додека светот преку медиумите (кои денес го обликуваат начинот на размислување) и таквите ставови и вредности отворено и незавиткано ги нарекува застарени и нетолерантни да не употребувам и потешки зборови.
Иако денешните семејства кои настојуваат да живеат христијански живот во полнина не им е лесно, мислам дека секој период си имал свои предизвици и тешкотии со кои луѓето се соочувале. Замислете ја само ноќната мора на секој родител: загуба на дете. Нашите предци исто ги сакале своите деца и исто трепереле над нив како и ние денес, но сепак биле многу повеќе изложени на ризикот дека секој пат кога ќе станат родители се зголемува можноста за да закопат едно или повеќе деца. Нашата генерација е во помала мера изложена на такви видови на ризик. Тешкотиите со кои луѓето денес се носат се сосема поинакви.
Развојот на медицината и науката чии благодати денес ги уживаме ги направи денешните луѓе неверојатно духовно мрзеливи, затоа што во еден момент започнавме да мислиме дека не ни треба Бог. Очекуваме од науката да ни одговори на секое прашање, од технологијата да ни го олесни и најмалиот можен аспект на нашето секојдневие, а од медицината да биде решение за секој наш здрвствен проблем. Навистина нема овде многу место за Бог.
Ова го зборувам од сопствено искуство. Не можам да пишувам за предизвиците на семејството денес, а во приказната да не ја внесам и сопствената болка. И самата бев дел од таа заспана толпа која се лизга низ животот, која привидно има сè, а всушност нема затоа што на таков начин не ни може да ја има полнината на животот – и брачниот и родителскиот – кој може да постои само со Бог и со довербата во Него. Редовно ги користев светите Тајни, имав хармонични семејни односи, добар сопруг, добра и сигурна работа, две прекрасни момчиња сè што можеш да посакаш, а сега кога со мислите ќе се вратам во тоа време, со тага помислувам како тогаш не сум знаела, ниту сум се сетила едноставно да се заблагодарам, да бидам благодарна за она што го имам. Дури ниту тоа, а не пак нешто подлабоко!
Искуството на речиси сигурната смрт при пораѓањето ме натера за момент да застанам и да го насочам погледот кон горе. Како и зошто беа прашањата кои ми беа во мислите. Само си ги поставував не бев ниту приближно свесна кои би биле нивните одговори. Иронично е, одговорите започнаа да доаѓаат паралелно со спознанието дека ме зафати голема несреќа (барем така тоа денешниот свет го нарекува): Дознав дека имам дете со најтешко оштетено здравје, не такво кое ќе го нагризе нејзиното физичко здравје и ќе ни ја земе, туку такво кое засекогаш ќе ги промени мојот и нашиот начин на живот. И го промени.
На што ме научи моето искуство, а е поврзано со темата на која пишувам?
Дека проблемите и тешкотиите се понекогаш начин и средство кое на крајот ќе нè направат послични на луѓето какви што Бог ги имал на ум кога го создавал човекот.
Дека не треба да се плашиме од нив повлекувајќи се, одбирајќи ја линијата со помал отпор затоа што таа линија, таа широка врата богата со компромиси и леснотија нè прави духовно мртви.
Дека не треба ние мажите и жените на денешницата да се подложуваме на овој денешен свет кој ни наметнува некои поинакви правила, со кои нè заплашува, со кои нè потсмева, со кои ни го отежнува начинот на кој сакаме да живееме и да ги воспитуваме своите деца.
Во ред е и да се плашиме да поминеме низ својата сопствена мала Гетсиманија преиспитувајќи се себе и своите сили и можности. Сето тоа е во ред и човечки ако знаеме дека после тоа ќе осамне нашата недела, таа која донесува радост и сила. Единствено на тој начин можеме навистина да се сметаме за христијани, да бидеме сол на земјата и светлина на светот, ние христијанските семејства кои им пркосиме на некои други вистини, цврсто држејќи се до едната единствена вистина. Тој е единствен и можен пат и не плашете се храбро да чекорите по него.
Николина Накиќ/Гласник Мира/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк