Патријархот Вартоломеј во посета на екуменската заедница Тезе

Патријархот Вартоломеј во посета на екуменската заедница Тезе

„Една посебна посета”, така екуменската заедница на Тезе ја објави претстојната и прва посета на заедницата во Тезе од страна на Вселенскиот патријарх Вартоломеј на 25 април. Посетата на заедницата во Бургундија ќе трае само неколку часа и е последен дел од пастирската посета на патријархот Вартоломеј во Швајцарија, која ја започна на 22 април. Повод за посетата на Швајцарија е 50-годишнината од основањето на православниот центар во Шамбези, чија цел е промовирање на Екуменскиот дух и олеснувањето на контактите меѓу локалните Православни цркви и останатите христијански цркви и заедници.

За време на посетата во Тезе – стои во соопштението на екуменската заедница – Вселенскиот и Цариградски патријарх ќе учествува во заедничката молитва во 12 часот во црквата на Помирување. На неа ќе присуствуваат браќата монаси, претставници на различни христијански заедници и групи од млади. Патријархот ќе биде пречекан од приорот, фра Алоис и ќе упати кратко обраќање по заедничката молитва, која ќе биде отворена за сите.

Иако станува збор за прва посета, сепак врската на патријархот Вартоломеј со Тезе отсекогаш била многу длабока и датира од почетокот на шеесеттите години на минатиот век со бројните братски средби со основачот на екуменската заедница фра Роже.

РВ/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот