Потребна е општествена љубов, односно љубов без себељубие и лични интереси – рече папата Фрањо за време на катехезата на Генералната аудиенција во среда 9 септември 2020 година одржана во дворот „Свети Дамас“ во Ватикан. Катехезата на папата Фрањо ја пренесуваме во целост.
Драги браќа и сестри, добар ден!
Кризата низ која поминуваме поради пандемијата сите нѐ погодува. Од неа можеме да излеземе подобри ако сите го бараме заедничкото добро, во спротивно од неа ќе излеземе уште полоши. За жал, сведоци сме на појавата на плитки интереси. Има, на пример, оние кои би сакале да си ги присвојат сите можни решенија, како во случајот со вакцините, а потоа да ги продаваат на другите. Некои ја користат оваа ситуација за да предизвикаат поделби: бараат економска или политичка корист, создаваат или ги зголемуваат конфликтите. Други пак едноставно не ги интересираат туѓите прашања, поминуваат понатаму и одат по својот пат (сп. Лука 10,30-32). Тоа се поклоници на Понтиј Пилат, си ги мијат рацете од тоа. .
Христијанскиот одговор на пандемијата и општествено – економската криза кои се нејзини последици се темели на љубовта, пред сѐ на Божјата љубов која секога ни претходи (сп.. 1 Иван 4, 19).. Тој прв нѐ возљуби, Тој секогаш ни претходи во љубовта и решенијата. Тој безусловно нѐ љуби и кога ја прифаќаме таа Божја љубов, тогаш можеме да одговориме на сличен начин. Ги љубиме не само оние кои мене ме љубат: своето семејство, пријатели, луѓе со кои се дружиме, туку и оние кои не ме сакаат, кои не ме познаваат или кои се странци, како и оние поради кои страдам или кои ги сметам за непријатели (сп. Матеј 5, 44). Тоа е христијанска мудрост, тоа е ставот на Исус Христос. Најголем степен на светост, да кажеме така, е да се љуби непријателот, а тоа не е лесно. Да се љубат сите, вклучувајќи ги непријателите, многу е тешко – би кажал дека тоа е умешност. Но умешност која може да се совлада и подобри. Вистинска љубов, која нѐ прави плодни и слободни, секогаш се шири и вклучува. Таа љубов негува, лекува, оздравува и прави добро. Многу пати повеќе добро прави едно милување, отколку многу аргументи, милување со кое порачувам дека сум простил, а не многу аргументи со кои се браниме. Тоа е љубов која вклучува, која оздравува.
Значи љубовта не се ограничува на односите помеѓу двајца или тројца, или пријатели или во семејството, туку оди повеќе од тоа. Ги опфаќа граѓанските и политичките односи (сп. ККЦ, 1907-1912), вклучувајќи го односот со природата (Енциклика Лаудато си [LS], 231). Затоа што сме општествени и политички битија, еден од најголемите изрази на љубов е токму општествениот и политичкиот, кој е пресуден за човечкиот развој и соочување со секој вид криза (исто 231). Знаеме дека љубовта ги збогатува семејствата и пријателите, но добро е да се потсети дека таа ги облагородува исто така и општествените, културните, економските и политичките односи, овозможувајќи ни да изградиме „цивилизација на љубов“ како што милуваше да каже свети Павле VI.[1] и по неговите стапки, свети Иван Павле II. Без тоа вдахновение преовладува култура на егоизам, рамнодушност, отфрлање, односно го отфрлам она што не го сакам, она што не можам да го сакам или оние кои ми изгледаат на мене бескорисни во општеството. Денес додека влегував еден пар ми рече: Молете се за нас затоа што имаме дете со пречки во развојот“. Г и прашав: Колку години има? Многу. И што правите? Го пратиме и му помагаме. Целиот живот го посветуваат родителите на деца со пречки во развојот. Тоа е љубов. А непријателите, политичките противници по наше мислење се неспособни за политички и општествен живот, но нам само така ни изгледаат. Самиот Бог знае дали се или не се. Но ние мораме да ги љубиме, мораме да разговараме, мораме да ја градиме таа цивилизација на љубов, таа политичка, општествена култура, култура на единство на целиот човечки род. Сето тоа е спротивно на војните, поделбите, зависноста, па и војните во семејствата. Љубовта која вклучува е социјална, таа е семејна, политичка: Љубовта сѐ надминува.
Коронавирусот ни покажува дека вистинското добро за секој поединец е заедничкото добро, а не само индивидуалното и обратно, општото добро е вистинско добро за личноста (сп. ККЦ, 1905-1906). Ако некоја личност го бара само сопственото добро, тогаш е егоист. Напротив, личноста која расте во своето човештво расте кога сопственото добро го отвора за другите, кога го дели. Освен што е поединечно, здравјето е и јавно добро. Здраво општество е она кое се грижи за здравјето на сите.
Со вирусот, кој не познава пречки, граници или културни и политички разлики мораме да се справиме со љубов која не знае пречки, граници и разлики. Таа љубов може да создаде општествени структури кои нѐ поттикнуваат со другите да споделуваме, а не да се натпреваруваме, кои ни овозможуваат да ги вклучиме најранливите, а не да ги отфрлиме и кои ни помагаат од својата човечка природа да го изразиме она најдоброто, а не најлошото. Вистинската љубов не познава култура на отфрлање, не знае што е тоа. Кога љубиме и создаваме креативност, доверба и солидарност, тука се појавуваат конкретни инцијативи за општо добро [2]. А тоа важи дали на ниво на мали и големи заедници, дали на меѓународно ниво. Она што се прави во семејството, она што се прави во сопствениот кварт, она што се прави во селото, она што се прави во големиот град, истото се прави и на светско ниво: тоа е истото семе кое расте и дава плод. Ако во семејството, во градскиот кварт појдеш со завист, со борба, на крајот ќе започне „војна“. Напротив, ако појдеш со љубов, ако почнеш да делиш љубов, простување, тогаш ќе владее љубов и простување за сите.
Напротив, ако решенијата за пандемијата на себе носат белег на себичност, било кај луѓето, било во претпријатијата или државите, можеби од коронавирусот ќе можеме да излеземе, но сигурно не и од човечката и општествената криза која вирусот ја истакна и изнесе на виделина. Затоа внимавајте да не градите на песок (сп. Матеј 7,21-27). За да изградиме здраво, вклучувачко, праведно и мирно општество, тоа мораме да го направиме на карпата на општо добро [3]. Општото добро е е карпата. А тоа е задача на сите, а не само на некои стручњаци. Свети Тома Аквински вели дека унапредувањето на општото добро е должност на правдата што му припаѓа на секој граѓанин. Секој граѓанин е одговорен за општото добро. А за христијаните исто така тоа е и послание. Како што учи свети Игнатиј Лојолски, насочувањето на нашите секојдневни напори кон општото добро е начинот на кој се прима и се шири славата Божја.
Политиката за жал, често не е на добар глас, а знаеме и зошто. Тоа не значи дека сите политичари се лоши, не, тоа не сакам да го кажам. Само велам дека политичарите, за жал, често не се на добар глас. Но не смееме да се помириме со тоа негативно гледање, туку треба да реагираме покажувајќи ги своите дела дека не само што е можно, туку е и должност да се има добра политика[4], политика која во центар го става човечката личност и општото добро. Ако читате за историјата на човештвото ќе најдете многу свети политичари кои оделе по тој пат. Тоа е можно до таа мерка во која секој граѓанин, а посебно оние кои врз себе преземат општествени и политички задачи и служби, своето делување го вкоренуваат во етичките принципи и го оживуваат со општествена и политичка љубов. Христијаните, а посебно верниците лаици, се повикани да даваат за тоа добро сведоштво и тоа можат да го прават благодарејќи на крепоста љубов, негувајќи ја социјална димензија која е со неа нераскинливо поврзана.
Чукна часот да ја зголемиме нашата општествена љубов – сакам да истакнам: нашата општествена љубов – со заеднички придонес на сите, поаѓајќи од нашата маленкост. Општото добро бара учество на сите. Ако секој поединец го даде својот дел и ако никој не се изостави, ќе можеме да ги обновиме добрите односи на заедничко, национално и меѓународно ниво, а исто така во склад со животна средина (сп. Лаудато си, 236). Така нашите дела, па и најскромните, ќе покажат нешто од Божјата слика која ја носиме во себе, затоа што Бог е Тројство, Бог е љубов. Тоа е најубавата дефиниција за Бог во Библијата. Ни ја дава апостол Иван, кој Исус многу го љубел: Бог е љубов. Со негова помош ќе можеме да го излекуваме светот работејќи сите заедно за општо добро, не само за сопственото добро, туку за општото добро, за доброто на сите.
Ватикан њуз/к.мк