Папата: Не плашете се животот да го потрошите за Бог и за другите

Папата: Не плашете се животот да го потрошите за Бог и за другите

Пред Бог Кој ни служи се до моментот на давањето на сопствениот живот да се молиме за благодата за да живееме служејќи. Да стапиме во врска со оние кои трпат, кои се сами и во потреба. Да не мислиме само на она што ни недостасува, туку на доброто кое можеме да го направиме – рече папата Фрањо во проповедта на Литургиското славење одржано во базиликата Свети Петар на Цветници.

Исус „Сам Себе се понизи, откако зеде обличје на слуга.“ Да дозволиме тие зборови на апостол Павле да нè воведат во светите денови, кога Божјото Слово го покажува Исус како слуга – поттикна папата Фрањо во проповедта која ја одржа на светата Литургија во базиликата Свети Петар на Цветници. На Велики Четврток Исус е слуга кој на учениците им ги мие нозете; на Велики Петок е прикажан како слуга кој трпи и како победник; а веќе наредниот ден во литургиските читања, Исаија пророкува за Него: „Еве го Мојот Слуга, Кого Го држам за рака,“ – рече Папата и напомена: Бог нè спаси, служејќи ни. Обично мислиме дека ние му служиме на Бог. Но, Он е Тој Кој на нас бесплатно ни служи, затоа што прв нè љубеше. Тешко е да љубиш, а да не бидеш љубен. (…)

Господ нè спаси, давајќи го својот живот за нас – рече Светиот Отец и истакна: Ние сме му мили и скапо го чиневме. Неговата љубов го довела до тоа да се жртвува за нас и на себе да го земе целото наше зло. Бог нè спаси допуштајќи нашето зло да падне на него. Реагирал понизно, трпеливо и послушно, исклучиво со силата на љубовта. Отецот го поддржал Исусовото служење, не го растерал злото кое се срушило на Него, го поддржал Неговото трпење, за нашето зло да го победи само со добро и низ него до крај да помине љубовта.

Господ ни служеше до таа мерка што како Оној Кој љуби ги искуси најболните ситуации како што е предавството и напуштеноста – рече папата Фрањо и истакна: Исус поднесе предавство од ученикот кој го предаде и од оној кој го негираше. Го издадоа луѓе кои го фалеа и величаа. Тој беше предаден од верска институција која неправедно го осуди и политичка која си ги изми рацете. Страшно е кога ќе откриеме дека некој ја изиграл довербата која во него сме ја положувале. Тогаш длабоко во срцето се раѓа такво разочарување заради кое животот изгледа како повеќе да нема смисла. Тоа се случува, затоа што сме родени за да бидеме љубени и за да љубиме, а најтешка работа е кога ќе предаваат оние на кои ни ветиле дека ќе ни се посветени и блиски.

Ако бидеме искрени кон себе ќе ги видиме нашите неверности – рече Папата и истакна: Колку лаги, лицемерие и дволичност; добри накани кои се предадени; неодржани ветувања и напуштени намери! Господ знае колку сме слаби и недоследни, колку пати паѓаме, колку тешко стануваме и колку тешко се зацелува одредена рана. За да ни помогне и за да ни служи го направил она што го рекол пророкот Осија: „Ќе го излекувам одметнувањето нивно, благонаклоно ќе ги засакам, зашто гневот Мој се одврати од нив.“ Наместо да се обесхрабриме заради стравот дека нема да успееме, можеме да го подигнеме погледот кон распетието, да ја примиме Неговата прегратка и да кажеме: „Исусе, Ти ја зеде мојата неверност. Ми ги отвораш рацете, ми служиш со својата љубов, ме поддржуваш и затоа одам понатаму!

Исус на крстот само вели: „Боже Мој, Боже Мој, зошто Си Ме оставил?“ – цитираше Светиот Отец и истакна: Исус трпел затоа што неговите го напуштиле и се разбегале. Му останал само Отецот. Во бездната на осаменоста, прв пат го повикува името „Боже.“ Вика со гласот кој раздерува „Зошто си ме напуштил?“ Имено тоа се зборови од Псалмот кој ни кажуваат дека Исус во молитвата вклучил и краен очај. Искусил најголема напуштеност за која сведочи Евангелието, изнесувајќи ги неговите изворни зборови: „Или, или, лама савахтани?“

Сето тоа го направил за да ни служи – рече папата Фрањо и објасни: Кога во безизлезна ситуација се чувствуваме напуштени и кога ни изгледа дека дури ниту Бог не одговара, да се сетиме дека не сме сами. Исус искусил целосна напуштеност за да биде со нас во сè солидарен. Тоа го направил за мене и за тебе, за да ти каже: „Не плаши се, не си сам. Сум го искусил целиот твој очај за засекогаш да бидам со тебе.“ Денес во драмата на пандемијата, соочени со многу сигурности кои се распаѓаат, Исус на секој му вели: „Храбро, отвори го своето срце за мојата љубов. Ќе ја почувствуваш Божјата утеха која те поддржува.“

Пред Бог Кој ни служеше, кој го искуси предавството и напуштањето, можеме да не го издадеме она за што сме создадени; да не го напуштиме она што е важно – рече Папата и истакна: На светот сме за да го љубиме Него и другите. Останатото поминува, а тоа останува. Драмата низ која поминуваме, нè потикнува сериозно да го сфатиме она што е важно, да не се изгубиме во невредливите работи; повторно да откриеме дека животот не вреди ако не се служи. Бидејќи животот се мери со љубов. Имено, во овие свети денови, дома, стоиме пред распнатиот Христос, со мерка на Божја љубов кон нас. Пред Бог кој на нас ни служи сè до моментот на давањето на сопствениот живот да молиме за милост да живееме служејќи. Да стапиме во врска со оние кои страдаат, кои се сами и кои се во потреба. Да не мислиме само на она што на нас ни недостасува, туку на доброто кое може да го направиме.

Отецот кој го подржуваше Христос во страдањата и нас нè охрабрува во служењето, да љубиме, да се молиме, да простуваме, грижејќи се за другите може да чини и да изгледа како крстен пат. Но, тоа е патот на служење, патот на победа кој нè спаси и кој ни го спасува животот. Тоа особено сакам да го кажам на младите, на овој ден кој на нив веќе 35 години е посветен. Драги пријатели, ги гледате вистинските јунаци кои овие денови можат да се видат и кои немаат слава, пари и успех, туку им служат на другите. Не се плашете животот да го потрошите за Бога и за другите, ќе заработите! Животот е дар кој се прима, дарувајќи се себеси. Најголема радост е на љубовта да и се каже ДА, како што тоа Христос го направи за нас, без она „ако” и „но” – заврши Светот Отец.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот