Во четврток 8 март 2018 година по повод Меѓународниот ден на жените во Катедралната црква „Успение на пресвета Богородица“ – Струмица се одржа традиционалната молитвено – духовна средба на жени, на која присуствуваа сите парохии од Апостолскиот егзархат во Македонија. Оваа година средбата се одржа на тема: Марија наша небесна Мајка и Утешителка.
На почетокот од средбата поздравувајќи ги присутните, о. д-р Зоран И. Стојанов го пренесе благословот и поздравите од Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Македонија. Во своето обраќање тој истакна: „Исус се погрижи да имаме Мајка Небесна, многу храбра вистинска мајка, која од зачнувањето остана засекогаш со Исус. Исус е Бог и е во нас, затоа Марија не може да се одели од нас ниту било кога ќе нѐ напушти. Поради таа причина овогодинешната Молитвено-духовна средба на жени има за цел сите да нѐ потсети дека Марија е наша небесна Мајка и Утешителка.“
Потоа на средбата се молеше Молебен до Пресвета Богородица, а за ликот на Пресвета Богородица зборуваше о. протојереј ставрофор Горѓи Трајков, парох во Катедралната црква во Стурмица.
Молитвено – духовната средба за жени продолжи со заедништво и дружење во парохиската сала.
к.мк
Фото: Н. Стојанова