Во Радово прославен празникот Марија од Назарет

Во Радово прославен празникот Марија од Назарет

Во недела 8 октомври 2023 година парохијата „Свети пророк Илија“ – Радово го одбележа копаторнот Марија до Назарет со свечена архиерејска света Литургија, која ја служеше Н.В.П. монсињор д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко – скопски епарх. Со епископот сослужуваа свештеници од Струмичко – скопската епархија, а на светата Литургија покрај верниците од Радово присуствуваа и верници од други места и парохии, како и сестрите Евхаристинки. Свеченоста започна со свечена процесија околу црквата со статуата на Марија од Назарет.

На почетокот од проповедта епископот Стојанов поздравувајќи ги присутните го изрази своето задоволство што повторно е во својот роден крај и својата парохија Радово, истовремено заблагодарувајќи се на парохот о. Илија Стојанов и парохискиот викар о. Атанас Сирачев за поканата да биде дел од оваа празнување во Радово.

Проповедта епископот Стојанов ја скицира во три точки, поврзани со Богородица, истакнувајќи дека таа е слика и модел на Црквата, пример за љубов и единство со Христа.

Истакнувајќи накратко важни моменти од животот на Богородица и нејзиниот повик упати прашања со кои поттикна на размислувања за тоа дали Марија е слика и модел на Црквата и за нас, како се просветлуваме со верата на Марија, дали ја чувствуваме блиска и дали во моментите на искушенија во неа гледаме пример за тоа каква треба да биде нашата доверба во Бога.

Понатаму монсињор Стојанов зборуваше за Марија како модел на љубовта, при што ја истакна нејзината подготвеност да појде кај нејзината роднина Елисавета за да ја навести радосната вест и истовремено да ѝ помогне, искажувајќи љубов и грижа кон неа. При тоа повторно упати прашања за тоа каква љубов им носиме на другите, како се однесуваме едни со други.

Во последната точка владиката Стојанов ја истакна улогата на Марија како модел на единство со Христос, нагласувајќи дека таа сè што правеше, го правеше во совршено единство со Исус и рече: Да го молиме Господа за Неговата благодат и сила, за примерот на Марија да се одрази во нашиот живот и во животот на секоја црковна заедница. Во оваа прилика потсети и на денот Господов, кој треба да се посвети на Бога и неделната Света Литургија.

Својата проповед епископот Стојанов ја заврши потсетувајќи на месец октомври, месецот на Светата Бројаница, кога се моли оваа богородична молитва не само во парохиските заедници, туку и преку електронските комуникациски средства, како што е месанџер и Радио Марија и тоа со молители од разни возрасти, од разни краеви на Македонија, но и од странство, насекаде каде нашите се наоѓаат по светот и охрабри: „Продолжете со молитвата, со тоа ја искажуваме и потврдуваме нашата поврзаност, почит и побожност кон Пресвета Дева Марија и нашата верност за нејзиното застапништво за нас пред Нејзиниот Син Исус Христос и Господ наш, кој не исполнува со својата благодат.“

На крајот од свеченоста парохот отец илија Стојанов се заблагодари на сите оние кои придонесоа при организацијата, како и за молитвите упатени до Марија од Назарет.

На светкувањето на Марија од Назарет во парохијата „Свети Пророк Илија“ – Радово претходеше тродневница, а во саботата во попладневните часови се одржа процесија околу селото со статуата Марија од Назарет, која ја предводеше епископот Стојанов, со голем број на деца, млади и верници од парохијата и околината.

Ватикан њуз/к.мк

Повеќе фотографии на Facebook

Категорија: Вести, Македонија

За авторот