Во Скопската катедрала прославен Денот на посветениот живот

На 6 февруари 2016 во катедралата Пресвето Срце Исусово во Скопје беше прославен Денот на посветениот живот. На оваа средба беше присутен Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх монс. д-р Киро Стојанов заедно со претставничките на монашките заедници – Заедница на сестрите Евхаристинки, сестри Усмиленки, сестри Мисионерки на љубовта и Движењето на фоколарите, свештениците на Скопската бискупија и богословите.

Средбата започна со пригодно предавање на скопскиот парох дон Давор Топиќ на тема: Посветениот живот е пророштво! Потоа следеше обожавање на Исус во Пресветата олтарска Тајна и прилика за лична исповед, а централниот дел на средбата беше евхаристиското славење кое го предводеше бискупот Стојанов.

По молитвената средба заедништвото беше продолжено во пријатен амбиент во салата на Пасторалниот центар со заедничко агапе.

Папата Иван Павле II во 1997 година одреди 2 февруари да биде ден посветен на Богопосветените лица. На овој ден свечено му се благодари на Бога за големиот дар на посветениот живот на свештениците, монасите и монахињите, кои со своето посветување ја остваруваат Исусовата програма, со својата верност го зголемуваат сјајот на Евангелието, со жртвата и љубовта го објавуваат милосрдното лице на Отецот, а со заедништвото на братскиот живот најавуваат нова заедница на Светиот Дух.

к.мк/д.Д.Т./Е.А.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцјата на Католици.мк
Категорија: Македонија

За авторот