Во Истанбул Папата се сретна со млади бегалци од Блискиот Исток и Африка

На крајот од тридневниот престој во Турција, на 30 ноември 2014 година папата Фрањо го истакна страдањето на малолетните бегалци, оценувајќи ги како понижувачки условите во кои многумина од нив живеат. Пред заминувањето од Истанбул, Светиот Отец се сретна во католичката катедрала Свети Дух со стотина млади бегалци од Блискиот Исток и Африка и ја повика меѓународната заедница да направи нешто повеќе за решавање на судирите од кои овие млади ги напуштија своите домови.

Светиот Отец истакна дека сакал да се сретне со овие млади за кои во Турција се грижат салезијанците, воедно грижејќи се и за нивното образование. Католичката Црква секогаш ќе биде солидарна со бегалците, порача Светиот Отец и повторно заблагодари на Турција што прими толку многу луѓе кои бегаат од борбите во Сирија и Ирак, истакнувајќи притоа дека и Турција има потреба за помош од други земји.

Младите бегалци Папата ги поттикна да не ја губат храброста, туку со Божја помош да се надеваат на подобра иднина.

На прославаата по повод празникот Свети Андреј, претпладнето во Фанар, Папата остро го осуди нападот на џамијата во Нигерија. Со голема болка неговите мисли се упатени кон бројните муслимани кои се убиени во петокот за време на молитвата во градот Кано, на северот од Нигерија.

РВ/го*ко

Категорија: Ватикан

За авторот