Божји дар е да се умре во Црквата
Во проповедта на света Литургија во Домот Света Марта во четврток 6 февруари, Папата говореше за смртта и поттикна на молитва за три милости: да се умре во Црквата, да се умре во надеж и да се умре оставајќи во наследство христијанско сведоштво.
Коментирајќи ја Давидовата смрт, за која говори литургиското читање, Папата истакна три факти од Давидовиот живот: умре во својот народ; никогаш не го напушти Божјиот народ; грешеше, самиот се нарекуваше грешник, меѓутоа никогаш не замина од Божјиот народ – истакна Светиот Отец.
Беше грешник, а не предавник. А милост е до крај да се остане во Божјиот народ. Треба да се има милост да се умре во крилото на Црквата, во крилото на Божјиот народ. Всушност тоа сакам да го истакнам. И ние треба да молиме за милост да умреме во куќата, во Црквата. Тоа е вистинска милост која не може да се купи. Тоа е Божји дар кој треба да се измоли: Господи, подели ми милост да умрам во куќата, во Црквата. Грешници сме, сите сме грешници, меѓутоа не сме предавници, изопачени. Секогаш во Црквата! Црквата е мајка која и такви нè сака, често нечисти, таа нè чисти: мајка е – заклучи Светиот Отец.
Говорејќи за Давидовото спокојно умирање, надевајќи се дека оди при своите татковци на другата страна, Папата рече дека втора милост е да се умре во надеж, свесни дека на другата страна нè очекуваат; и дека на другата страна е куќа, семејство, дека нема да бидеме сами. И за оваа милост треба да молиме; да бидеме во последните моменти свесни дека животот е борба, а дека злиот бара плен – рече Папата додавајќи:
Света Тереза од Малиот Исус во последните денови од својот живот говорела дека во нејзината душа се водела борба, и дека, кога мислела на иднината, на она што во небото нè очекува после смртта, чувствувала како некој глас: ’Ма не, не биди луда, те чека темнина, само црно ништавило те чека’. Вели дека тоа бил ѓаволскиот глас, Сотоната, бидејќи не сакаше да се надевам на Господ. Да се умре во надеж надевајќи се во Господ! И за таа милост треба да се моли! А надежта во Господ започнува сега, во малите секојдневни грижи, меѓутоа и во големите проблеми: секогаш треба да се доверуваме на Господ. Човекот така се навикнува да се надева во Господ, и расте во надежта. Треба да се умре во куќата, да се умре во надежта – нагласи папата Фрањо.
Говорејќи за Давидовото наследство, Папата рече дека има многу скандали околу наследството, кои го растргнуваат семејството. Давид напротив остава наследство: четириесет години владеење, сигурен и силен народ. Народната поговорка вели дека во животот секој човек треба да остави син, да засади едно дрво и да напише една книга: тоа е најдоброто наследство – рече Папата поттикнувајќи ги сите да се запрашаат:
Што оставам јас како наследство? Што останува од мојот живот? Дали направив многу добрини народот да ме сака како татко или мајка? Дали засадив дрво? Дали дарував живот, мудрост? Напишав ли книга? Давид на својот син му остава наследство, говорејќи: Биди силен и покажи се како човек. Почитувај го Божјиот закон, својот Бог, одејќи по Неговите патишта и почитувајќи ги Неговите заповеди – објасни Папата.
Како наследство им го оставаме на другите своето христијанско сведоштво. Некои оставија големо наследство: пример светците кои со сето срце го живееја Евангелието, кои ни го покажаа патот на животот и начинот на живеење. Читајќи за Давидовата смрт, опишана во старозаветното читање, на ум ми дојдоа овие три работи: треба да се моли за милост да се умре во куќата, во Црквата; за милост да се умре во надеж и со надеж; за милост да се остави човечко, убаво наследство на нашето христијанско сведоштво. На сите нас Светиот Дух нека ни ги подели тие три милости – заклучи Светиот Отец.
РВ/С.С.