Папата: Даноците, ако се праведни, се во служба на општото добро

Папата: Даноците, ако се праведни, се во служба на општото добро

Папата Фрањо во понеделник 31 јануари 2022 година прими делегација од вработени во италијанската даночна управа, на која како пример им го даде свети Матеј, цариник, и истакна три вредности кои треба да ја водат нивната работа: законитост, непристрасност и транспарентност.

Нагласувајќи ги овие три вредности, Папата истакна дека прво треба да се запомни дека Библијата често ја спомнува темата за даноците, која долго време е дел од секојдневниот живот. Потсетувајќи се, меѓу другото, на свети Матеј, кој бил цариник, папата Фрањо рече дека на Исусовиот повик веднаш станал ученик, апостол и евангелист (сп. Матеј 9,9-13). Од тој момент, животот на Матеј повеќе не е ист: тој е просветлен и затоплен од присуството на Христос. Можеби Матеј продолжил да ги користи и да управува со своите или туѓите добра, но секако со поинаква логика, истакна Папата – со таква што ќе им служи на сиромашните и да споделува со браќата и сестрите, како што го научи Учителот.

Библијата не ги демонизира парите, туку нѐ повикува правилно да ги користиме, да не им робуваме, да не ги идолизираме, истакна Светиот Отец, додавајќи дека правилното користење на парите не е лесна задача. Принципите на законитост, непристрасност и транспарентност се важни насоки за да бидеме одговорни едни за други, почнувајќи од оние кои имаат најголема потреба.

Законитост и правда

Денес, како и во библиските времиња, даночните обврзници често во општеството може да се доживуваат како непријатели. За жал, одредена култура на сомнеж може да се прошири и на одговорните за спроведување на законот, додаде тој. Сепак, тоа е основна задача, бидејќи законот ги штити сите; тоа е гаранција за еднаквост. Законите овозможуваат одржување на принципот на правда каде логиката на интереси создава нееднаквости.

Законите во даночната област, рече Папата, е начин да се балансираат општествените односи, одземајќи ја моќта на корупцијата, неправдата и нееднаквоста. Сепак, ова бара одредена обука и културни промени. Иако даночниците често се гледаат како „ги ставаат рацете во џебовите на луѓето“; оданочувањето е знак на законитост и праведност, рече Светиот Отец. Тоа мора да биде во корист на прераспределбата на богатството, заштитувајќи го достоинството на сиромашните и најмалите кои често се изложени на ризик да бидат уништени од моќниците.

Кога данокот е праведен, тој е во служба на општото добро, рече папата Фрањо. Меѓу другото, даноците ја поддржуваат здравствената заштита, рече Папата, повторувајќи го својот повик да се продолжи со бесплатен здравствен систем, што според него е „една од убавите работи што ги има Италија“.

Едноставна правичност на даночните обврзници

Вашата работа, продолжи Папата, изгледа неблагодарна во очите на општеството кое се фокусира на приватната сопственост како апсолут и не ја подредува на стилот на заедништво и споделување за доброто на сите. Но, и покрај случаите на даночно затајување, незаконски плаќања, работниците можат да бидат сведоци на чесноста на многу луѓе кои не бегаат од своите обврски, кои ги плаќаат своите должности и на тој начин придонесуваат за општото добро.

Едноставната праведност на толку многу даночни обврзници е одговор на чумата на даночното затајување, тоа е модел на социјална правда, рече Папата, додавајќи дека непристрасноста на вработените во Даночната управа потврдува дека нема подобри граѓани од другите врз основа на социјалната припадност, туку дека во сите е препозната добрата волја да бидат верни градители на општеството. Постои „занает на општото добро“ за кој треба да се проповеда, бидејќи чесната совест е вистинското богатство на општеството, нагласи Светиот Отец.

Одговорноста на оние кои управуваат со заедничко богатство

Потсетувајќи се на евангелскиот пасус за Закхеј, цариник во Ерихон, Папата рече дека тоа зборува за преобраќањето на човекот кој не само што го препознава гревот на измама на сиромашните, туку сфаќа дека логиката на трупањето го изолира од другите. Закхеј бил трогнат од бескрајната љубов на Исус, кој сакал да престојува во неговиот дом и отворено изјавува дека половина од имотот ќе им го даде на сиромашните и четири пати повеќе ќе им врати на оние што ги измамил. На овој начин, истакна Папата, тој им дава транспарентност на парите што минуваат низ неговите раце. Даночниците често се доживуваат негативно кога не се разбира каде и како се трошат јавните пари. Кој управува со заедничкото богатство има голема одговорност да не се збогати.

Транспарентноста во управувањето со парите, која е резултат на одрекување на многу работници, ја открива слободата на умот и им овозможува на луѓето да бидат подготвени да плаќаат даноци, особено ако собирањето даноци помага да се надминат нееднаквостите, се инвестира за да се создаде повеќе работа, гарантира добро здравје и образование за сите, создава инфраструктура која го олеснува општествениот живот и економијата, заклучи Светиот Отец, доверувајќи ги работниците на застапништво на свети Матеј.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот