Eдна година од постоењето на Радио Марија Македонија

На празникот Безгрешно зачнување на Пресвета Богородица во вторникот 8 декември 2015 во Скопје се одбележа првиот роденден на Радио Марија Македонија.

Официјалната програма започна во капелата на Радиото која е посветена на Чудотворната медалја. Светата Миса ја предводеше директорот на Радио Марија Македонија монс. Антун Циримотиќ во концелебрација со катедралниот парох дон Давор Топиќ и во присуство на бројни гости. Потоа присутните се упатија кон салата за состаноци каде следеше презентација односно приказ на историјатот на формирањето на Радио Марија во Македонија како и осврт на едногодишната работа и програма на радиото. Свое обраќање имаа директорот на радиото монс. Антун Циримотиќ и претседателката на Здружението Радио Марија Македонија г-ѓа Катица Трајковска Абјаниќ кои на присутните волонтери им искажаа благодарност за досегашната ангажираност во реализирањето на програмата, а го споменаа и предизвикот за следната година – а тоа е добивање на ФМ фрекфенција.

Потоа следуваше закуска за присутните. Вечерта на програмата на Радиото се реализираше отворена програма која ја водеше дон Давор Топиќ, а во која учествуваа најактивните волонтери на радиото. Во текот на целиот ден, слушателите имаа можност да ги слушаат емисиите и снимки од преносите од првите денови на започнувањето на работата на радиото.

Радио Марија Македонија се емитува на интернет на веб страната www.radiomaria.mk.

к.мк/Е.А

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Македонија

За авторот