Папата Фрањо: Мигрантите се партнери за развојот на земјите кои ги примаат

Црквата е мајка на сите, без граници, рече папата Фрањо обраќајки се на 21 ноември 2014 година до учесниците на 7. Светска средба за пасторал со мигранти. Заблагодарувајќи им се на учесниците за нивната работа и посветеноста за бегалците, Папата се потсети на завршниот документ од претходниот конгрес, каде е истакнато како миграцијата е „позив за да се замисли иднината на друг начин, чија цел ѝ е развојот на целиот човечки род, вклучувајќи ги така сите луѓе со нивното духовно и културно богатство и допринос за поправеден свет, кој се залага за глобална солидарност и потполно почитување на човечкото достоинство и живот“. И денес миграцијата е трагање по надежта – рече Папата и додаде:

„Поврзаноста на соработката и развојот ги покажува, од една страна, различните интереси на државите и мигрантите, а од друга страна, можностите кои можат да произлезат и за едните и за другите.“ Земјите кои ги прифаќаат бегалците имаат корист од нивната работна сила и често ги пополнуваат празнините на населението кои се создадени заради демографските кризи, а оние земји од кои мигрантите се иселуваат го намалуваат проблемот за недостатокот на работа. Самите мигранти пак можат да си обезбедат подобра иднина за себе и за своето семејство. Но таквите предности ги следаат и проблеми: одлив на високообразовниот кадар, раздвојување на семејството, потешкотиите на интеграцијата. Одговорните за пасторална грижа во тој поглед имаат важна улога во дијалогот и посредувањето – истакна Светиот Отец.

Зборувајќи за импликациите на пасторалната грижа на Црквата, Папата рече дека христијанската заедница е трајно посветена за прифаќањето на мигрантите „и за споделување на Божјите дарови со нив, особено дарот на верата“. Црквата „ги промовира проектите на евангелизација и следењето на нивните духовни потреби по патот на катехеза, литургија и славење на светите Тајни“ – објасни папата Фрањо.

Мигрантите за жал често доживуваат разочарување и осаменост и се наоѓаат „помеѓу губењето на своите корени и интеграцијата“. И во тоа „Црквата претендира да биде место на надежта“, подигајќи го гласот во одбрана на правата на бегалците, без исклучок, за обезбедување на помош – и онаа материјална – „за да би се однесувале кон секој од нив како кон дете Божјо.“ „На средбата со бегалците“ – продолжи Папата – „важно е да се донесе интегрална перспектива, каде може се видат вредностите, а не само проблемите кои треба да се решат.“ За тоа е потребно да се воспостави минимално ниво на учество во заедничкиот живот, особено во христијанската заедница, „каде што никој не е странец и затоа, секој заслужува да биде прифатен и поддржан.“

Црквата, освен што е заедница на верници кои го препознаваат лицето на Исус Христос во ближниот, таа е мајка без граници – продолжи Папата. Таа е „мајка на сите“ и се труди да ја поддржува културата на прифаќање и солидарност, каде што никој не е бескорисен, никој не е без место на живеалиште или за да биде отфрлен.“ Освен тоа, Светиот Отец потсети дека достоинството на секој човек се темели врз основа на тоа што е создаден на слика Божја и уште повеќе, што е дете Божјо. Заради тоа мигрантите го збогатуваат човечкото братство, но тие се и како потсетник дека е неопходно да се искорени нееднаквоста, неправдата и угнетувањето.

„На овој начин, мигрантите можат да станат партнети во градењето на побогат идентитет за заедниците кои ги примаат, како и за лицата кои ги прифаќаат, поттикнувајќи го развојот на инклузивното и креативно општество кое го почитува достоинството на сите“ – објасни Папата и уште еднаш им се заблагодари на учесниците на самитот за нивното служење на Црквата и општеството и ги замоли да се молат за него и од срце ги благослови.

РВ/к.мк/З.А.

Категорија: Ватикан

За авторот