Конгрес на италијанскиот огранок „Pax Cristi“.

Ватикан, 30.4.2013 /к.мк/ – Во понеделникот 29 април во институтот Серафикум во Рим заврши конгресот на италијанскиот огранок на „Pax Cristi“, кој се одржа под мотото „Час на ненасилство – Да се отвори прозорецот на иднината, планирајќи заедно, осмелувајќи се заедно“. На конгресот се расправаше за меѓународниот договор за трговијата на конвенционалното оружје, за мирот и за мирно решавање на конфликтите.

Осврнувајќи се на конгресната расправа во разговорот за Радио Ватикан, претседателот на италијанскиот огранок „Pax Cristi“ епископот Павио Џовани Гиудичи рече дека расправале за тоа што може да се направи за мирот во овој проблематичен момент. Причините се видливи, бидејќи конфликтите се проширени насекаде. Трговците со оружје ја злоупотребуваат расната и верската нетрпеливост, а истото го прават и расипаните политичари кои се жедни за моќ – истакна епископот.

Одбележувајќи педесет години од енцикликата Мир на земјата (Pacem in Тerris) сакавме сите да ги предупредиме за актуелноста на зборовите на Папата, кои потсетуваат на противречноста помеѓу желбата за мир и несоодветните средства за изградба на мирот. Бидејќи нашата организација е составена од бројни подрачни одбори, расправавме за нивното залагање во воспитувањето за мир – рече епископот.

На новинарско прашање да го објасни мотото на конгресот, рече дека сите мора да бидат свесни на новиот начин со кој насилството се вовлекува во општествениот живот. Насилството денес го условува општеството. Ако сме свесни за тоа, тогаш е јасно дека и ние мораме да ја преиспитаме својата способност за живеење во културен и верски плурализам, во кој сме длабоко навлезени. Значи мораме во себе да ја развиваме способноста за нов дијалог – рече епископот,  додавајќи:

Заклучивме дека членовите на организацијата „Pax Cristi“ мора да бидат стручњаци за промовирање на помирувањето и дијалогот. Освен тоа мораме да ги предупредиме луѓето за новите начини со кои насилството влегува во општеството, на новиот вид технолошко оружје, кога само со едно притискање на копче може да се предизвика ужас, смрт и уништувања. На тоа мора да биде свесна човечката заедница и да се преиспитуваме: Зошто да се произведува оружје? Зошто се продава оружје? Какво оружје денес произведува науката и технологијата? Да се отвори прозорецот на иднината, значи да станеме свесни на новостите, кои насилството ги внесува во нашиот секојдневен живот – заклучи епископот Гиудичи.

Категорија: Ватикан

За авторот

Write a Comment

Your e-mail address will not be published.
Required fields are marked*