Папата Фрањо: Во Фатима во тишина молев за мир

Папата Фрањо: Во Фатима во тишина молев за мир

Во авионот со кој Папата се враќаше од Лисабон, тој им објасни на новинарите зошто решил да се моли во тишина во светилиштето во Фатима и зошто одлучил да ги остави своите подготвени говори пред младите и да разговара со нив.

Се молев, молев. Се молев на Богородица и се молев за мир. Не правев реклама – рече папата Фрањо одговрајаќи на 6 август 2023 година, на прес-конференција одржана во авионот на враќање од Лисабон, на прашање на португалска новинарка која истакна дека очекувалае во светилиштето во Фатима, самото место каде Богородица побара да се моли за крај на војната, Светиот Отец јавно да ја обнови молитвата за мир. Мора постојано да ја обновуваме таа молитва за мир – истакна Папата, потсетувајќи како Богородица тоа го побарала за време на Првата светска војна. Тоа го побарав овој пат од Богородица. Се молев. Не правев реклама.

Новинарите го прашаа Папата како е неговото здравје и зошто не ги прочитал целосно повеќето подготвени говори, наместо да ги замени со спонтани импровизации. Светиот Отец одговори дека неговото здравје е добро, а проповедите и говорите ги скрати за да бидат што појасни и разбирливи. Посочи дека младите не сакаат долги говори. Според него, Црквата треба да се преобрати и во оваа смисла, бидејќи проповедите треба да бидат кратки, јасни, со јасна порака и наклонетост.

На прашањето зошто наскоро ќе патува само во Марсеј, а не во цела Франција, папата Фрањо објасни дека посетата на Марсеј има многу специфична цел – да учествува на состанокот на бискупите на медитеранските земји, посветен на проблемите. на миграцијата, посебно на драмата на мигрантите во Северна Африка. Медитеранот е гробишта, но не и најголеми. Најголеми гробишта е Северна Африка– истакна папата Фрањо.

Новинарка од германската католичка новинска агенција КНА праша како да се објасни неусогласеноста меѓу тврдењето дека Црквата е отворена за секого и фактот дека не сите имаат исти права и можности во неа. Папата одговори дека Црквата е отворена за секого, но има правила кои го регулираат животот во Црквата. Ако некој не може да пристапи до Светите Тајни, тоа не значи дека Црквата е затворена. Секој го среќава Бога на својот пат во Црквата, а Црквата е мајка, секого го пречекува и го води на нивниот пат. Црквата е отворена за сите: болни, здрави, стари и млади, грди и убави, добри и лоши – рече Папата и напомена дека постои одреден став кој не ја сфаќа Црквата како мајка, туку ја замислува како еден вид „фирма“.

Осврнувајќи се на самиот Светски ден на млади во Лисабон, кој за него беше четврти по ред, и истакнувајќи го особено големиот број учесници, Папата уште еднаш рече дека младите се иднината. Проблемот е да се знае како да се придружуваат за да не се одвојат од корените. Затоа многу инсистирам на дијалог меѓу постарите и младите, бабите и дедовците и внуците. Таквиот разговор е важен, поважен од дијалогот помеѓу родителите и децата. Корените се влечат од разговорите со бабите и дедовците – истакна папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот