Во Скопје заврши Третата светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог

Скопје, 13.05.2013/к.мк/ Овој викенд (10 до 12 мај 2013 год.) во Скопје се одржа Третата светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог на тема „Слободата и достоинството – основни вредности во меѓучовечките, меѓурелигиските и меѓукултурните односи“.

Конференцијата ја отвори директорката на Комисијата за верски заедници и религиозни групи Валентина Божиновска, а официјални обраќања имаа претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски како и министерката за култура Елизабета Канческа- Милевска. На присутните учесници им се обратија и претставниците на верските заедници: Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан, монсињор Киро Стојанов, Бискуп Скопски и Апостолски Егзарх, Џон Роналд Шол Бискуп на  Евангелско–Методистичката црква и Берта Романо-Николиќ претседателка на Еврејската заедница во Р.М. Во текот на конференцијата се одржаа три панел сесии на следните теми: Плуралистичките општества и религиската толеранција, Да се живее заедно со почит кон различностите и Придонесот на медиумите за интеррелигискиот и интеркултуралниот дијалог. За прв пат во рамките на Конференцијата се одржа и Форумот на млади поддржан од Претседателот на Републиката Ѓорѓе Иванов. На овој форум учествуваа млади претставници од сите верски заедници, меѓу кои и од Католичката црква во Македонија. Претседателот им се обрати на младите при што ја истакна улогата на религиите во градењето на толерантна младина, а покрај останатото зборуваше и за значењето на социјалните мрежи како едно од основните средства за комуникација кај младите денес и нивното користење со цел за меѓусебно запознавање.

Во текот на конференцијата се одржа промоција на книгата „Собрани дела на Св. Климент Охридски“, а се одбележаа и  значајните јубилеи: 1700 години од Миланскиот едикт, 70 години од Холокаустот на Евреите и 10 годишнина од Самитот „Дијалог помеѓу цивилизациите“ на шефови на ЈИЕ и Охридската порака за мир. Учесниците на конференцијата остваруваа билатерални средби и имаа можност за меѓусебно запознавање, а потоа посетија и неколку значајни културно – историски објекти во Скопје. Конференцијата заврши со донесување на завршна декларација и обраќање на Претседателот на Република Македонија. Оваа конференцијата на која учествуваа стотина учесници од над триесет земји од различни конфесии во светот, беше реализирана како и предходните во рамките на Глобалната агенда на ООН и УНЕСКО за дијалог помеѓу цивилизациите.

Низ искажаните мислења и ставови сите учесници се согласија дека почитувањето на верските права и културната разноликост се темел на мирот и просперитетот. Исто така беше потенцирана и улогата на религијата и културата во транформацијата на општеството со посебен акцент на важноста на слободата и достоинството како универзални човекови права и основни вредности во меѓучовечките, меѓурелигиските и меѓукултурните односи. Оваа третата светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог ја афирмира вистината дека слободата и достоинството на луѓето без разлика на нивната национална, културна, религиозна и социјална припадност се права кои треба да се почитуваат и негуваат.

(Е.Абјаниќ, фото: Р.Кардалев)

 

Категорија: Македонија

За авторот

Write a Comment

<