Во своето пладневно обраќање на Светол понеделник, пред молитвата на Царице небесна, папата Фрањо ги охрабри верниците да ги напуштат гробовите на лагите; воскреснатиот Исус сака да нè направи сведоци на вистина, која ослободува
Воскреснатиот сака да излеземе од гробовите на дволичноста. За време на пладневното обраќање пред молитвата Царице небесна во понеделник 18 април 2022 година, на сончевиот плоштад Свети Петар, папата Фрањо предупреди на лажноста, пречка на која може да наиде навестувањето. На војниците кои го чувале гробот им била платена голема сума пари за да лажат и да кажат дека Исусовото тело го украле неговите ученици. Логиката на прикривање – предупреди Светиот Отец – се противи на навестување на вистината. Пред воскреснатиот Господ се наоѓа тој друг „бог“, парите што валкаат сè, уништуваат сè, ја затвораат вратата на спасението. Во секојдневниот живот постои искушение на обожавање на тој бог на парите – истакна Папата.
Со право се соблазнуваме, кога преку вестите откриваме измислици и лаги за животите на луѓето и во општеството. Но, да ги именуваме и лагите што ги имаме во нас! – поттикна Светиот Отец. И да ја ставиме таа непроѕирност пред светлината на воскреснатиот Исус. Тој сака да ги извади на виделина скриените работи, да нè направи транспарентни и светли сведоци на радоста на евангелието, вистината што нè ослободува.
Излезете од гробот на стравот
Исус ја победи смртта. На жените кои отидоа на гробот им вели: „Не плашете се“. Тој знае дека нашите стравови произлегуваат од тој голем страв, кој е смртта; страв од исчезнување, губење на најблиските, болест, беспомошност – рече Папата. „Не бој се”; Господ го вели ова покрај гробот од кој излезе како победник за да нѐ повика да излеземе од гробовите на нашите стравови. Нашите стравови се како гроб, нѐ закопуваат внатре.
Тој знае дека стравот секогаш дреме пред вратата на нашите срца и дека имаме потреба повторно да слушнеме „не бој се“; на Воскресното утро како и наутро секој ден. Брате, сестро, кои верувате во Христа, не плашете се! Исус ти вели: За тебе ја искусив смртта, го зедов на себе твоето зло. Сега воскреснав за да ти кажам: Јас сум тука со тебе, засекогаш. Не плаши се!
Одете и навестувајте
Исус нè ослободува од стравот што нè води во затворање во себе. Воскреснатиот ни дава да излеземе и не праќа да им навестиме на другите. Тие жени не беа најсоодветни и подготвени да го навестат Воскреснатиот – забележа Папата – но на Господ тоа не му е важно. Важно му е да се излезе и да се навести. Затоа што воскресната радост не треба да се чува само за себе. Радоста Христова се зајакнува кога се дава, се умножува споделувајќи ја со другите. Ако се отвориме и го носиме Евангелието, нашето срце се шири и го победува стравот – рече папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк