Христијанската љубов е конкретна, таа не е сапуница
„Христијанската љубов секогаш е конкретна. Таа љубов е повеќе во делата отколку во зборовите, во давањето отколку во примањето,“ истакна папата Фрањо во текот на Литургијата на 9 јануари во куќата Света Марта.
Во ова сфаќање на љубовта нема романтизирање, се работи за активна и алтруистичка љубов, која си ги засукува ракавите гледајќи во сиромашните, се работи за љубов која повеќе дава отколку што прима. Во спротивно, тоа нема никаква врска со христијанската љубов. Папата Фрањо е јасен по прашањето за љубовта, и во текот на размислувањето се води од зборовите во Првото послание на свети апостол Иван (1Иван 4, 11-18), а апостол Иван постојано говори: „Ако се сакаме еден со друг, Бог пребива во нас и љубовта Негова е совршена во нас.“ (1Иван 4,12). Искуството на верата е всушност во „двојното останување“.
„Ние во Бог и Бог во нас: тоа е христијански живот. Да не останеме во духот на светот, да не останеме на површноста, да не останеме во идолопоклонството и самобендисаноста. Туку – да останеме во Господ. А Он возвраќа: Он останува во нас. Но, најнапред Он останува во нас. Често го протеруваме и ние самите не успеваме да останеме во Него. Но Духот останува.“
Појаснувајќи ја динамиката на духот кој ја поттикнува христијанската љубов, папата Фрањо го преиспитува телото. Да останеш во љубовта Божја не е екстаза на срцето, не е само некое убаво чувство.
„Внимавајте, љубовта за која говори Иван не е љубов од сапуниците! Туку нешто друго. Христијанската љубов секогаш се одликува со конкретност. Христијанската љубов е конкретна. Самиот Исус, кога говори за љубовта, говори за опипливи работи: да нахранеш гладен, да посетиш болен и други конкретни работи. Љубовта е конкретна. А кога ја нема таа опипливост, тогаш се живее илузијата на христијанството, затоа што не е јасно во што е центарот на Исусовата порака. Таквата љубов не станува опиплива, туку станува илузија на љубовта, каква што имале учениците, кои гледајќи го Исус мислеле дека пред себе имаат привидение.“
Според денешното Евангелие, учениците зачудени и исплашени, мислат дека гледаат „привидение“ кој оди по морето кон нив (Марко 6,45-52). Нивната зачуденост се раѓа од скаменетите срца затоа што евангелието вели, не се вразумија со чудото на уумножување на лебовите (Марко 6,30-40). „Ако срцето ти е тврдо, ти не можеш да љубиш, и мислиш дека љубовта е она што сам си мислиш. Не, љубовта е конкретна“. А таа опипливост се надодава, се темели на два критериуми:
„Првиот критериум: љуби со дела, а не со зборови. Зборовите ги носи ветерот! Денес се, утре не се. Вториот критериум: во љубовта е важно да даваш отколку да примаш. Оној кој љуби дава, дава… Дава работи, дава живот, се дава себе на самиот Бог и другите. Оној пак кој не љуби, кој е егоист, секогаш настојува да прима, секогаш сака да поседува работи, да има корист. Да останеш со отворено срце, а не како учениците, кои со затворени срца ништо не сфатиле: остани во Бог и Бог останува во нас. Остани во љубовта.“
РВ/Д.И.