Ваше преосвештенство Монс. Киро Стојанов,
Скопски бискуп и струмичко-скопски епарх,
Граѓански и верски власти,
Почитувани свештеници, монаси и монахињи,
Браќа и сестри во Христа,
Најпрво, би сакал да му се заблагодарам на Господ, кој преку Неговата Промисла ми дозволи денес да бидам меѓу вас.
Моето присуство има за цел да биде знак, пред сè, знак на грижата на Папата за сите Цркви, а особено денес за Црквата на Северна Македонија. Ви го пренесувам неговиот поздрав и неговиот благослов и затоа се собравме заедно: да ја славиме Евхаристијата и да се молиме за наследникот на блажениот Петар и епископ Римски „вечниот и видлив принцип и темел на единството и на епископите и на мноштво верници“.
Во делот од Евангелието што го слушнавме, Исус им поставува две прашања на апостолите: Првото е: „Што вели народот, Кој сум јас?“ Одговорите се различни. Но Исус е заинтересиран да знае што мислат дванаесетте за Него: „А вие, што велите, Кој сум Јас?“. Петар одговара во името на сите: „Христос Божји“. Евреите со векови чекале да се појави Месијата и да го ослободи неговиот народ од туѓинското ропство и да го воспостави Царството Божјо.Тие мислеле дека Христос ќе дојде од непознато место, со одмазднички меч во раката. Како инаку би можело да се воспостави Божјето Царство? Дури и апостолите не мислеле поинаку.
Всушност, тие го сметале Исус – Христос, но во исто време не поинаков од Давид, неговиот предок, воин, освојувач. На Исус го вознемирува нивниот начин на размислување, ја исправа лажната слика што ја направија за Него, ги закопува тие човечки надежи, кои се премногу човечки.
Понатаму во Евангелието читаме, како одговор на самиот Петар: „Синот Човечки треба да пострада многу… ќе биде убиен и дека на третиот ден ќе воскресне“. Јасни зборови на Исус, но неразбирливи, неприфатливи за духот и увото на тој народ: Христос е страдалник, а не воин; го чека трнлив крст, а не златен трон. Сите воини-освојувачи му донесоа на човештвото нови страдања, направија реки од крв и солзи пролеани, навредуваа безброј невини луѓе, секогаш ги правеа другите несреќни и, на крајот, дури самите се залажуваа.
Спротивно на тоа, Исус ќе покаже дека човек може и треба да биде среќен на сосема поинаков начин. Тој самиот е оној кој го спасува светот, тој не го одзема животот на другите, туку го жртвува Својот за сите, за спасение на светот.
Никого нема да распне, туку Тој ќе биде распнат. Само на тој начин ќе докаже поголема љубов што е новата заповед на Царството што дошол да ја воспостави.
Сè што беше во логиката на човечката моќ на тој начин се покажало дека е неефикасно и немоќно. Имаше потреба од посилен, порадикален истрел на вистината, потребно беше посигурно сведоштво за љубовта: „лудило на крстот“. Неопходно беше човекот-Бог да биде распнат, така што само тогаш може да се размислува за Божјата љубов кон нас и секој да сфати дека само со прегрнување на крстот се доживува вистинската смисла на животот на мажите и жените и на христијаните.
Само така можеме да слушаме што сè уште ни кажува Евангелието: „Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе крстот свој и нека ме следи“. Совршено е јасно дека секој христијанин, за да ја достигне својата цел, треба да го прифати за Исус својот сопствен и неотуѓив крст.
Новиот завет несомнено го прикажува крстот како настан за спасението: „Зашто словото на крстот е безумие за оние што пропаѓаат, а за нас, кои се спасуваме, сила Божја“ (1Кор 1,18). Затоа свети Павле на верниците од Коринт, меѓу кои се беше задржал „да не знае ништо друго освен за Исус Христос, и тоа – Распнатиот“ (1Кор 2,2), би можел да тврди: „за оние што се повикани, како Јудејци така и Елини, да проповедаме Христос Божја сила и Божја мудрост“ (1 Кор 1,24), таа „Божја мудрост, мистериозна, сокриена во таинството, која Бог ја предодредил пред вековите за наша слава. Која никој од владетелите на овој свет не ја спознал; зашто, ако ја беа спознале, тогаш немаше да Го распнат Господа на славата“ (1Кор 2,7-8). На христијаните од Галатија, „пред чии очи беше јасно претставен жив Исус Христос распнатиот“ (Гал 3,1), би можел да напише дека немал намера да има кон нив „друга гордост освен со крстот на нашиот Господ Исус Христос“ (Гал 6, 14), бидејќи она што е важно е „да се биде ново создание“ (Гал 6,15). На крајот, на христијаните од Филипи, „со солзи во очите“ тој потсетил дека „многумина се однесуваат како непријатели на крстот Христов“ (Фил 3,18), бидејќи тие полагаа спасоносна доверба во делата на законот, а не во правдата „која произлегува од верата во Христа“ (Фил 3,9).
Денес свети Павле нè потсетува: „Сите вие што се крстивте во Христа, во Христа се облековте“. Христијанинот е потопен во смртта Господова, распнат со Него. Крстот, значи, е граница помеѓу телото и духот. Телото го отфрла крстот; се обидува да се спаси со свои сили – со свои правила, закони, мудрост – но сè што е човечко е немоќно. Крстот е во центарот на животот на Исус; и треаба да биде во центарот, и во срцето на нашата вера, на нашите мисли, на нашиот христијански живот!
Сето тоа беше разбрано и прифатено од Апостолот на народите, а оваа посета ме потсетува на онаа што свети Павле и неговите ученици ја направија на почетокот на објавувањето на Евангелието на европскиот континент, а со тоа и во Македонија.
Вака раскажуваат Дела на апостолите: „Преку ноќта Павле имаше видение: стоеше пред него еден човек, Македонец, кој го молеше и му велеше: „Дојди во Македонија и помогни ни!“. По тоа видение веднаш посакавме да тргнеме за Македонија, бидејќи сфативме дека Господ нѐ повикал таму да го разгласуваме Евангелието“. (Дела 16,9-10).
Според тоа, вашата земја е сведок на прифаќањето на верата од пред многу векови!
Браќа и сестри, сакам да ве потсетам дека верата е дар од Бога и позив кон Неговата благодат. А повикот на Господ Исус Христос потврдува: „ Кој сака да врви по Мене, нека го земе крстот свој и нека ме следи“. Посебно денес сум свесен дека Црквата во својата историја е света, католичка, апостолска.
Изразувам восхит кон вашите предци кои својата верност – лојалност ја платиле со жртва.
Ве охрабрувам за ваше добро да го направите она што често го повторува папата Фрањо: ние како Црква сме во од и на поклонение кон вечноста.
На вас кои сте во дијаспора, велам да останете верни прифаќајќи ја тајната на крстот, за вашиот христијански живот да биде автентичен, да биде јасен знак на вистината и грижата за човекот.
Од вашиот Бискуп слушнав многу сведоштва кои ветуваат добро, во однос на звањата, за добротворни активности кои сведочат дека во Северна Македонија постои мала, но верна христијанска заедница со два обреди: латински и византиско-словенски, кои со своето сведочење за живот го покажуваат богатството на Универзалната црква.
Знаете ли што вели Светиот Отец за малите заедници и дека со неговата посета во 2019 година потврди: „вашиот придонес е неизбежен за Црквата да има постојана грижа за малите и маргинализираните. Дури и ако сте на периферијата, бидете сигурни дека сте во срцето на Црквата. Господ Бог да ве благослови и да ви даде цврстина, сведоштво и сила во христијанскиот живот и во иднина!“.
Секоја година, на гробот на Свети Кирил во Рим, ја обновувате вашата врска со човек толку голем во верата.
Свети Кирил, апостолот на словенските народи и неговите ученици овде, во вашата земја, оставија вечно сведоштво на евангелизацијата која денес, поради изменетите состојби, сè повеќе треба да биде нова евангелизација.
Кога го велам ова, мислам на литургискиот јазик, на преводите на Светото писмо и на многу други книги, кои во тоа време во Рим беа незамисливи, а сепак во текот на историјата се покажаа толку значајни од кои на некој начин доаѓа и плодот.
На ова патување на новата евангелизација нека не придружуваат светите браќа Кирил и Методиј и нивните ученици.
Тоа наследство што е посеано овде уште од апостолско време, никнува и вродува со плод и во наше време.
Плодовите на милосрдие и светост се како што е вашата светица, Мајка Тереза од Калкута, родена овде во Скопје.
Вашата заедница и денес е повикана да гради мостови кон евангелската вистина која денес се гледа во сведочењето на животот.
Времето што ни е дадено да живееме треба да нè натера да разбереме дека „Христос е основата, Алфа и Омега“, кои Отецот ги поставил како знак на спасение во светот. Господ е голем во своите дела денес, ако знаеме да го читаме начинот на кој Тој ги исполнува своите „чекори во историјата“.
Оваа моја посета има само една цел: да го славам Бога во Неговото дело во вас.
Нека Црквата овде секогаш биде автентична заедница на сведоци на Господа умрен и воскреснат за секој човек! Амин.
Бискупот Стојанов и надбискупот Галагер служеа света Литургија во Скопската катедрала