Светиот Отец: Само љубовта може да го спаси човечкото семејство

Светиот Отец: Само љубовта може да го спаси човечкото семејство

Примајќи ги членовите на Папската фондација „Gravissimum Educationis“, собрани во Рим на конгресот за образование и демократија, Папата зборуваше за руските и украинските момчиња испратени на фронтот. Војната стигна до куќниот праг и не смееме да го тргнеме погледот на друго место, рече тој.

Кога христијанинот ќе се навикне да гледа на друга страна, да не го следи Евангелието, тој полека станува паган преправен во христијанин. Војната во Украина е на европскиот „куќен праг“, а тоа не тера да размислуваме за дивјаштвото на човековата природа. Ова се размислувањата на Светиот Отец, кој во петок 18 март 2022 година ги прими во аудеинција членовите на Папската фондација Gravissimum Educationis, собрани во Рим на меѓународниот конгрес на тема „Образование за демократија во поделен свет“.

Пред неговото официјално обраќање, Папата сподели неколку размислувања за војната во Украина, поттикнати од писмото на Јуриј Пидлисниј, раководител на Комисијата за семејство и лаици на Источно католичка црква во Украина, професор на катедрата за политички науки на Украинскиот католички универзитет Универзитетот и организатор на конгресот.

Кога зборуваме за образование, мислиме на децата, младите. Папата повика на размислување за бројните млади руски војници испратени на фронтот, како и за младите украински војници, жителите, младите момчиња и девојчиња.

Не постојат праведни војни

Овојпат војната не е толку далеку како онаа во Сирија и Јемен, туку е на „куќниот праг“. Светиот Отец ги спомна и децата повредени во бомбардирањата, кои се сместени во болницата Bambino Gesù, кој потоа праша како христијаните ја доживуваат војната – дали постат и прават покора или живеат безгрижно, како и во време на далечните војни.

Војната е секогаш пораз на човештвото, повтори тој. Ние образованите луѓе, кои работат во образованието, поразени сме со оваа војна, бидејќи од друга страна сме одговорни. Не постојат праведни војни, повтори папата Фрањо.

Образувајте за демократија

Молитвата за мир, потсети Папата потоа, мора да биде придружена со трпелива образовна посветеност, за децата и младите да развијат силна свест дека конфликтите не се решаваат со насилство и угнетување, туку со соочување и дијалог. Во таа смисла, во контекст на војната во Украина, вредноста на Пактот за образование е уште повеќе нагласена, бидејќи тој може да стане алатка за постигнување на глобалното заедничко добро и има за цел да промовира универзално братство во едно човечко семејство, засновано на љубов.

Темата на меѓународниот конгрес Gravissimum Educationis , нагласи папата Фрањо, се занимава со демократијата од перспектива на образованието. Ова е многу актуелна тема за која многу се дебатира, истакна тој, нагласувајќи дека таквиот пристап на посебен начин припаѓа на традицијата на Црквата и е единствен способен да даде долгорочни резултати.

Искушението за поседување

Поаѓајќи од параболата за лозарите убијци од Евангелието, папата Фрањо предупреди на „искушението за поседување“ и на штетните последици што може да ги има врз демократијата. Кога човек го негира своето звање како соработник во Божјото дело и се става себеси на негово место, тој го губи достоинството на синот и станува непријател на своите браќа, рече Папата.

Добрата на создаденото на секого му се нудат сразмерно на неговите потреби, додаде тој, за никој да не натрупува излишно или на некој друг да му недостига она што е потребно. Спротивно на тоа, кога себичното поседување ги исполнува срцата, односите и политичките и општествените структури, тогаш суштината на демократијата е отруена.

Тоталитаризмот и радикалниот секуларизам

Постојат две искривени форми на демократија кои можат да се спротивстават на преобразувачката моќ на образованието. Првата форма е тоталитаризмот, во кој државата врши идеолошка репресија, лишувајќи ја вредноста на основните лични и социјални права до степен до кој слободата е потисната. Втората форма е радикалниот секуларизам, идеолошки сам по себе, кој на посуптилен начин го деформира демократскиот дух – со отстранување на трансценденталната димензија тој всушност слабее, а потоа постепено ја укинува секоја отвореност за дијалог, објасни Светиот Отец. Ако не постои конечна вистина, истакна тој, човечките идеи и верувања лесно можат да се користат за цели на моќ.

Предлози на Папата

Значи има три предлози кои Папата ги испрати до членовите на Фондацијата, а се однесуваат на младите. Пред сè, тој повика, да се негува кај нив „жед за демократија“, помагајќи им да ја разберат и да ја ценат вредноста на системот кој секогаш може да се подобрува, но способен да го заштити учеството на граѓаните, слободата на избор, дејствување и изразување.

Потоа младите треба да се учат дека општото добро е поврзано со љубовта и дека не може да се брани со воена сила. Заедницата или нацијата која сака да се наметне со сила го прави тоа на штета на другите заедници или народи и станува поттикнувач на неправда, нееднаквост, насилство, рече папата Фрањо. Лесно е да се оди по патот на уништување, но произведува многу урнатини; само љубовта може да го спаси човечкото семејство, нагласи тој.

На крајот, младите треба да се образуваат за да го искусат авторитетот како служба. Сите сме повикани во служба на владеење во семејството, на работа, во општествениот живот, рече Папата. Да не заборавиме дека Бог ни доверува одредени улоги не за лична афирмација, туку за да може да расте целата заедница преку нашата работа, нагласи Светиот Отец.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот