До Свештенството, монаштвото и верниот Божји народ при Скопска бискупија и Епархијата „Струмичко-Скопска Успение на Пресвета Богородица“
Соочени со опасни по живот околности од ширењето на COVID-19 предизвикано од новиот коронавирус (САРС-КоВ-2) ширум светот, во Европа и во нашата Татковина и во согласност со упатствата на релевантните државни служби, повикани сме во нашата Католичка црква во Македонија да размислиме како треба да се однесуваме, што треба да правиме од љубов кон ближните и како да им помогнеме на најпотребните.
Во согласност со најновите одредби што ги донесе Меродавната државна власт, особено за прекинот на сите образовни активности, ги повикувам сите пароси и монашки заедници во Католичката црква на територијата на нашата Земја во наредните 14 дена да ги прекинат веронаучните состаноци и сите форми на активности и собири на деца и млади.
Следејќи го внимателно развојот на состојбите во нашата Земја ги охрабрувам сите верници и граѓани со добра волја да се придржуваат кон одлуките и препораките дадени од надлежните Институции на Владата и одговорно да пристапат кон имплементацијата на објавените мерки. Во исто време, им се заблагодарувам на сите оние кои прават напори во корист на здравјето и грижата за оние што се болни. Тоа е време во кое, како индивидуи и како заедница треба да ја покажеме нашата зрелост и решеност за општото добро. Да ги претвориме овие мигови на несигурност и неизвесност во време на заедништво и надеж и да не ги заборавиме најранливите групи меѓу нас.
Доколку одлуките бидат продолжени или дополнети, било од страна на Меродавните државни институции било од страна на Црковната власт, порачувам да бидат сериозно сфатени и по истите во целост да се постапува.
Ве повикувам сите вас, почитувани свештеници, чесни сестри, драги верници, заедно и со доверба да ги упатиме нашите молитви кон Бога – Господарот на животот и историјата. Вас и сите граѓани на нашата Земја ве доверувам под застапништвото на Блажена Дева Марија Утешителка, како и сите напори за надминување на оваа несекојдневна ситуација.
Блажена Дева Маријо, Здравје на болните, моли се за нас!
Поделувајќи ви Божји благослов, сите вас искрено во Господа ве поздрвувам.
Ваш бискуп/епископ
+ Киро Стојанов