Слово на животот, февруари 2014
“Блaжени се чистите по срце зашто тие ќе го видат Бога“ (Мт 5,8)[1]
Исусовото проповедање почнува со говорот на гората. Крај Тиверијадското Море, на една височина близу Капeрнаум, Исус седна, на начин на кој тоа го правеа учителите и на собраните им ги навести блаженствата. Повеќе пати во Стариот завет одекнува зборот “блажен“, а се однесува на воздигнување на оној кој на различни начини го исполнува Словото Божјо.
Дел од Исусовите блаженства беа одек на оние што учениците веќе ги познаваа. Но тие за прв пат слушнаа дека чистите по срце не само што се достојни да се воздигнат на Гората Господова[2], туку дека можат дури и да го гледаат Бог. Каква ли е таа возвишена чистота што го заслужува тоа? Исус, тоа повеќе пати ќе го објасни во своето проповедање. Затоа, да настојуваме да го следиме за да можеме да пиеме од изворот на вистинската чистота.
“Блажени се чистите по срце зашто тие ќе го видат Бога“ (Мт 5,8)
Според Исусовото сфаќање постои едно извонредно средство за прочистување: „Вие сте веќе чисти заради Словото кое ви го зборував“.[3] Душата не ја прочистуваат обредите, туку Неговото Слово. Исусовото Слово е поинакво од човечките зборови. Во него е присутен Христос, како што е присутен на поинаков начин и во евхаристијата. Преку неа Христос влегува во нас и ако му дозволиме да делува, нè ослободува од гревот и ни го чисти срцето.
Чистотата е плод на живееното Слово, сите оние Исусови зборови кои нè ослободуваат од таканаречените врзаности во кои неизбежно паѓаме, ако срцето не ни е во Бога и неговото учење. Ова може да се однесува на предмети, на созданија, на нас самите. Но, ако срцето е насочено само кон Бога, се друго паѓа.
За да успееме во тој потфат, полезно е во текот на денот да му го повторуваме на Исус, на Бог, повикот од Псалмот: „Ти си мој Господ; нема блаженство без тебе!“[4]. Да се обидеме често да го повторуваме, а посебно кога разни врзаности го одвлекуваат нашето срце кон сликите, чувствата и страстите кои можат да ја замаглат визијата на доброто и да ни ја одземат слободата.
Склони ли сме да гледаме некои рекламни плакати, некои телевизиски програми? Не, да му кажеме: „Ти си мој Господ; нема блаженство без тебе!“ Тоа ќе биде првиот чекор кој ќе ни помогне да излеземе од самите себе и кој ќе ја обнови нашата љубов кон Бога. Така ќе имаме придобивка во чистотата. Забележуваме ли дека понекогаш некоја личност или некој настан се поставува како пречка меѓу нас и Бога валкајќи го нашиот однос со Него? Еве го моментот одново да му кажеме: „Ти си мој Господ; нема блаженство без тебе !“ Тоа ќе ни помогне да ги прочистиме нашите намери и одново да ја пронајдеме внатрешната слобода.
“Блажени се чистите по срце зашто тие ќе го видат Бога“ (Мт 5,8)
Бидејќи е љубов, живееното Слово нè прави слободни и чисти. Токму љубовта со својот божествен оган ги прочистува нашите намери и целата наша внатрешност, затоа што според Библијата срцето е најдлабоко средиште на умот и волјата. Но постои љубов која Исус ни ја заповеда и која ни овозможува да го живееме ова блаженство. Тоа е взаемна љубов, љубов на оние кои како Исус се подготвени животот да го дадат за другиот. Таа љубов созадава струења, размена, атмосфера чиј главен белег е токму транспарентноста, чистотата, од присутноста на Бога кој единствено може да создаде чисто срце.[5] Токму живејќи ја взаемната љубов Словото делува и носи свој учинок во прочистувањето и посветувањето.
Одвоениот поединец не е способен долго да им се спротивставува на притисоците на светот, додека во взаемната љубов наоѓа здрава средина која може да ја заштитува неговата чистота и неговиот изворен христијански живот.
“Блажени се чистите по срце зашто тие ќе го видат Бога“ (Мт 5,8)1
Еве го плодот на секогаш одново стекнатата чистота: можеме да го „видиме“ Бога, т.е. да го разбереме неговото делување во нашиот живот и во историјата, да го слушнеме неговиот глас во срцето. Да ја воочиме неговата присутност таму каде што се наоѓа: во сиромашните, во евхаристијата, во Словото, во братското заедништво, во Црквата. Тоа е предчувствување на Божјата присутност која почнува веќе во овој живот „чекорејќи во верата, не во гледањето“[6], сѐ додека не го видиме „лице во лице“[7] во вечноста.
Кјара Лубик
ИСКУСТВО
Половина час нè делеше од полноќ, кога од колешката го добив медицинскиот извештај во кој стоеше дека состојбата на најмладата пациентка е влошена. Таа имаше триесет години. Постоеше стравување дека смртта можеше да настапи за неколку часа. Сите знаевме дека е добро мајка ѝ да не биде покрај неа. Таа пред неколку месеци го загуби сопругот и сигурно не би можела да ја поднесе смртта на ќерката. Мојата колешка беше видливо уморна и нервозна, ми рече дека не би можела да биде во близина на девојката која умира. Ме замоли јас да останам. И јас, по напорниот ден поминат со моите три ќерки, не се чувствував одморена и се прашував како ќе ја преживеам ноќта – без каква и да е подршка во тој оддел со тешко болни на кои секој час им е потребна помош.
Се обидов да останам мирна и го молев Бога да ми даде сила и светлина за да го правам најдоброто што можам. Ми дојдоа на ум зборовите на Исус „Љубете се, како што јас ве љубев вас…!“
Влегов во собата на пациентката. Нејзиниот изглед силно ме погоди. Даниела, без коса, ослабена и целосно изнемоштена, лежеше на креветот. Нејзиното слабо тело беше целото обележано од тешката болест, а згора на тоа, пред два дена го загуби и видот. Почувствував потреба од длабочината на моето срце да се обидам да ја разберам – не само нејзината физичка состојба, туку и болката на нејзиното семејство. Ги заборавив сите проблеми кои беа присутни во одделот и се обидов да ја смирам. И ветив дека таа ноќ ќе бидам до неа.
Имајќи предвид дека се имаме видено само неколку пати, ја прашав дали ме препознава. Ми одговори со тивок глас: „Марјана!“ Ме трогна. Времето одминуваше и нејзе и беше сѐ потешко. Се плашев дека ќе се задуши. Ја помилував и во мислите се обединив со сите оние во светот кои се обидуваат да љубат.
Цврсто поверував дека и Даниела е неизмерно љубена од Бога, а потоа во срцето почувствував необјаснив мир. Како да бевме прекриени со неискажливата присутност која на Даниела и даруваше целосен мир. Нападите се разредија и така можеше да заспие, а јас продолжив да бдеам над неа.
Невообичаено, но на одделот таа ноќ беше многу мирно, што е многу редок случај. Дури откако зазори ја разбудив Даниела и ја поздравив. А таа речиси со жалење рече: „Маријана, сѐ уште сум тука, иако мислев дека веќе сум на Небото“.
Чудно и јас би требало да чувствувам голем замор, но чувствував голема сила. Следниот ден Даниела го напушти овој свет, опкружена со своите најмили и се разбира со нејзината мајка.
[1] Објавено во Нов свет бр.10/2010.
[2] Сп. Пс 24,4
[3] Јован 15,3
[4] Пс 16, 2
[5] Сп. Пс 50,12
[6] 2 Кор 5,7
[7] 2 Кор 13,12