Слово на животот – јуни 2016
„Мир имајте помеѓу себе“ (Мк 9, 50)
Колку добро ни доаѓа Исусовиот повик за мир, додека во многу делови од светот бројни судири го рануваат човештвото. Тој повик ни ја оживува надежта зашто знаеме дека Тој е мир и ни ветил на нас да ни го даде својот мир. Марковото евангелие ни ја носи оваа Исусова реченица како крај од низата упатства што им ги дава на упатените ученици собрани во Капернаум. Тој во нив толкува како би морало да живее неговата заедница. Заклучокот е јасен, сè мора да води кон мир во кој е содржано секое добро. Тој мир сме повикани секојдневно да го вкусуваме: во семејството, на работа, како и со оние кои имаат други ставови во политиката. Тој мир не се плаши да се соочи со спротивставените мислења, за него треба да се зборува отворено доколку сакаме што повистинско и што подлабоко единство. Тој мир истовремено бара и внимание за никогаш да не се наруши односот, затоа што ближниот вреди повеќе од различноста која може да постои меѓу нас.
Кјара Лубик кажала: „Каде што ќе стигне единството и взаемната љубов, стигнува и мирот, и тоа вистинскиот мир. Зашто каде што постои взаемна љубов, таму е и присутноста на Исус меѓу нас, а Тој е токму мир, мир во највисока смисла“.[1]
Нејзиниот идеал на единството се создаде за време на Втората светска војна и веднаш се покажа како лек за омразата и раздвоеноста. Оттогаш пред секој нов судир Кјара упорно ја предлагала логиката на евангелската љубов. На пример, кога почна војната во Ирак 1990 година, таа изразила горчливо изненадување што одново се слушале „зборови кои сме ги сметале за закопани, како што се: непријател, непријатели, почеток на судирот, воени известувања, заробеници, порази (…). Со неверување сфаќаме дека е повредено основното начело на христијанството, Исусовата заповед во највисока смисла, новата заповед. (…) Наместо взаемно да се љубиме, да бидеме подготвени да умреме едни за други“, човештвото е одново пред „бездната на омразата“: презир, мачења, убивања.[2] И се прашувала како да се излезе од тоа. „Каде што тоа е возможно мораме да градиме нови односи, или да ги продлабочуваме веќе постојните помеѓу христијаните и верниците од другите монотеистички религии: муслиманите и евреите“[3], т.е. помеѓу оние кои тогаш биле во судир.
Истото важи и за секој вид на судир: треба да градиме односи на прифаќање, взаемно помагање и љубов меѓу поединците и народите – повторно би кажала Кјара – сѐ додека бидеме подготвени да умреме едни за други. Потребно е да ги потиснеме своите причини за да можеме да ги разбереме причините на другиот, иако знаеме дека нема да можеме секогаш да ги сфатиме до крај. Другиот веројатно тоа го прави со мене, затоа што тој понекогаш можеби не ме разбира мене и моите причини. Сакаме сепак да останеме отворени кон другиот, иако во различност и неразбирање спасувајќи го пред се односот со него.
Евангелието тоа го поставува како заповед: „Имајте мир помеѓу себе“ што е знак дека бара сериозно и силно заземање. Тоа е еден од најважните изрази на љубов и милосрдие кои сме повикани да ги практикуваме едни кон други.
Фабио Чиjарди
к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
[1] На Баварската ТВ, 16 септември 1988.
[2]28 февруари 1991, сп. Sveti zajedno, Novi svijet, Zagreb 1995.стр. 62-63.
[3]Ibid., стр. 67.