Синодските отци: Aбортусот и истополовите заедници не се „човекови права“
„Земјите и организациите од западниот свет“ имаат тенденција „да ги претстават како „човекови права“ некои концепти, меѓу кои оние за абортусот и истополовите заедници, кога добиваат економски бенефиции за перцепцијата на овие концепти, особено во Африка“. Тоа е предупредувањето упатено од Осмата Генерална конгрегација на Синодата. Во својата порака синодалните отци истакнуваат дека изразот „право на сексуално и репродуктивно здравје“ во рамките на меѓународното право нема „прецизна дефиниција и затоа сама по себе содржи принципи кои се контрадикторни: на пример осудата на принудниот абортус и промоцијата на безбеден абортус, или заштита на мајчинството и прифаќање на контрацептивни средства. Иако немаат обврзувачко значење, охрабрувањето на овие „права“ претставува ризик, бидејќи може да влијае на толкувањето на други закони, особено во областа на борбата против женската дискриминација“.
Ватиканскиот портпарол, отец Федерико Ломбарди, за време на брифингот со новинарите посочи дека „посебно од Африка се сигнализира за притисок на меѓународните организации на земјите во развој за контрола на раѓање или за практики како што е склучување на истополови бракови или воопшто за правото на сексуално и репродуктивно здравје“. Директорот на Ватиканската прес служба истакна дека „сите овие коментари покажаа непочитување на достоинството, слободата и на културната традиција на овие народи“.
Во резимето на работата на синодалните отци беше „истакнат повикот за создавање на животот како елемент врз кои се темели семејство“. Затоа кон верниците се упатува апел „да го продлабочат своето познавање на енцикликата на папата Павле VI „Humanae Vitae“, за да се разбере подобро и значењето на свртувањето кон природните методи за регулирање на продуктивноста и за неприфаќање на контрацептивните средства. Сојузот и создавање деца се неразделни елементи на брачниот живот“. Затоа категорично беше осудена „генетската манипулација и криопрезервација на ембрионите“. Отец Ломбарди истакна дека „отците исто така се осврнаа и на „трендот на манипулирање на наталитетот како практична последица на вештачкото оплодување“. Ватиканскиот портпарол истакна дека „Црквата треба да има храброст да разобличава, за да се избегне опасноста од деградација во оваа област“.
РВ/В.Н.