Папата Фрањо: И денес има многу господари на совеста

И денес има многу господари на совеста: во некои држави има луѓе кои во Божјо име убиваат; или оние кои – ако ќе бидат затекнати со Евангелие или со крст – завршуваат во затвор – рече папата Фрањо во проповедта на светата Литургија на 2 мај во капелата на домот Света Марта.

Папата во проповедта се осврна на умножувањето на лебовите за кое што зборува Евангелието и за камшикувањето на Исусовите ученици од Делата на светите Апостоли, предлагајќи три слики, а првата е Исусовата љубов кон народот, Неговата грижа за проблемите на народот. Господ не се грижи за тоа колку го следат и не му паѓа на памет пребројување за да утврди дали Црквата пораснала… не! Тој зборува, проповеда, следи, оди со народот, благ и понизен. Зборува со авторитет односно со љубов – рече Папата, а потоа се осврна како што рече на втората слика.

Втората слика е љубомората на верските власти во тоа време. Не го поднесувале тоа што народот го следи Исус, бидејќи биле љубоморни. Грдо е тоа чувство, а од љубомората до зависта, патот не е долг. Добро знаеме дека татко на зависта е ѓаволот, бидејќи по неговата завист злото влегува во светот. Тие луѓе добро го познавале Исус и платиле стражари за да кажат дека Исусовото тело го украле апостолите.

Платиле за да ја прикријат вистината. Биле зли бидејќи кога прикривањето на вистината се плаќа, тогаш на дело е големо зло. Народот добро ги познавал и не ги следел, но морал да ги поднесува затоа што имаат власт: власт на култот, верски стеги и власт над народот… Народот бил присилен да им се покорува. Исус зборува за нив дека на народот му товариле тешки товари. Таквите луѓе не ја поднесуваат Исусовата благост, а ниту благоста на Евангелието; не поднесуваат љубов. Поткупуваат од завист и омраза – вели Светиот Отец.

Во текот на заседанието на Синедрионот, станал еден мудар човек по име Гамалиил. Тој ги советувал верските старешинида ги ослободат апостолите. Две слики: Исус кој се сожалува гледајќи го народот без пастир и верските власти со своите политички и парламентарни маневрирања за да можат и понатаму да владеат со народот…

Тие, после настапот на тој мудар човек ги опомениле апостолите и ги биеле и им заповедале да не говорат во името Исусово и потоа ги ослободиле. Треба нешто да направиме – мислеле – добро ќе ги претепаме и ќе ги пуштиме дома. Неправедна казна кои сепак ја спроведеле. Биле господари на совеста и сметале дека смеат да казнуваат. Господари на совеста… И денес во светот има многу такви.

Плачев – продолжи Папата – кога од медиумите ја дознав веста за распнатите христијани во една нехристијанска земја. Таквите луѓе, господари на совеста, кои во Божјо име убиваат, прогонуваат постојат и денес. Но има и многу кои се како апостолите, се радуваат што се сметаат за достојни да поднесат навреди заради Исусовото име. А тоа е третата денешна слика: радоста на сведочењето.

Првата слика: Исус со народот, љубов и патот кој нѐ научи и по кој треба да одиме. Втората слика: лицемерието на верските управители на народот, кои со своите заповеди ладни и со остра законитост, го заробуваат народот и кои платиле за да се прикрие вистината. Третата слика: радоста на христијаните маченици; радоста на нашите бројни браќа и сестри кои во текот на историјата ја почувствувале таа радост да се сметаат за достојни да поднесат навреди заради Исусовото име. И денес се многу. Замислете, во некои држави само поради Евангелието луѓе одат во затвор. Не можеш да носиш крст затоа што ќе платиш казна. Но срцето е радосно. Три слики: денес да размислуваме за нив, бидејќи се дел од нашата историја на спасение – заврши Светиот Отец.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот