Папата Лав XIV ги повика меѓународната заедница и секој поединец „да ја обновиме нашата посветеност на промовирање култура на грижа за созданието, во чие средиште се достоинството што Бог му го дарил на секое човечко суштество, општото добро и солидарноста со најсиромашните и со идните генерации“.
Неуспехот на КОП31 да усвои „јасни обврски“ за „сериозно и одговорно“ справување со климатската криза предизвикува загриженост, рече папата Лав XIV во средата, 25 ноември, особено поради „сè почестите екстремни временски појави“.
Говорејќи на крајот од Генералната аудиенција, Светиот Отец повика никогаш да не го заборавиме „човечкото лице на климатската криза, која влијае врз животите на милиони луѓе, погодува цели заедници и ги загрозува перспективите на идните генерации“.
Триесет и првата Конференција на страните на Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени, позната како КОП31, заврши во понеделник, 22 ноември, во Анталија, Турција. Учесниците не постигнаа договор за сеопфатната нацрт-одлука на претседателството, но усвоија одлуки поврзани со праведната транзиција, климатското финансирање и приспособувањето кон климатските промени.
Климатската криза, рече папата Лав, „бара обновено чувство на заедничка одговорност, нови облици на солидарност меѓу народите и далекусежни промени во однесувањето, во општествено-економските системи и во начинот на управување со нашите општества“.
Папата потоа упати апел до меѓународната заедница и до секој од нас „да ја обновиме нашата посветеност на промовирање култура на грижа за созданието, во чие средиште се достоинството што Бог му го дарил на секое човечко суштество, општото добро и солидарноста со најсиромашните и со идните генерации“.
Ватикан њуз/к.мк

