Генерална аудиенција: Животот со Духот е полн со благост, трпение и молитва

Генерална аудиенција: Животот со Духот е полн со благост, трпение и молитва

На Генералната аудиенција одржана во салата Павле VI. на 3 ноември 2021 година папата Фрањо продолжи да размислува за Посланието до Галатјаните и истакна дека Бог е секогаш посилен од нашите отпори и поголем од нашите гревови; кога го опоменуваме братот пред сѐ најважна е љубовта.

Да се верува во Исус значи да се следи, да се оди по неговиот пат, како што тоа го правеле првите ученици. Во исто време, тоа значи избегнување на спротивниот пат, патот на себичноста – со овие зборови папата Фрањо објасни што значи да се оди, да се живее според Светиот Дух, како што препорачува апостол Павле во своето послание до Галатјаните, предупредувајќи ги христијаните. дека ако го направат тоа нема да угодуваат на страстите на телото. Станува збор за убав, но и напорен живот – додаде Папата – слично на долго пешачење по високите планини: фасцинантно е, дестинацијата нѐ привлекува, но бара многу труд и упорност.

Движејќи се под водство на Светиот Дух, не застануваме на првите тешкотии, бидејќи тој ни помага да веруваме во силата што доаѓа одозгора – рече Папата, додавајќи – Следејќи го овој пат, христијанинот стекнува позитивен поглед на животот. Тоа не значи дека злото, присутно во светот, го нема, или дека ги нема негативните поттикнувања на себичност и гордост; пред сѐ значи да веруваме дека Бог е секогаш посилен од нашиот отпор и поголем од нашите гревови. Тоа е важно: секогаш да се верува дека Бог е поголем. Поголеми од нашето противење, поголем од нашите гревови – повтори Папата.

Апостол Павле ја повикува христијанската заедница да оди по тој пат, но поттикнувањето да се предаде на водството на Духот, го чувствува и за себе. Не вели: „Јас сум шефот, а вие се некои таму“. Павле знае дека сè уште не ја постигнал својата цел и сака да оди со сите, прв да даде пример. Колку е убаво кога ќе најдеме пастири кои одат со народот, кои не се одвојуваат. Кој не вели: „Јас сум поважен, јас сум пастирот, јас сум свештеник, јас сум бискуп“.

Животот со Дух не е само индивидуална работа, забележа Папата, туку на целата заедница; тоа воодушевува, но е и напорно. Похотите на телото, искушенијата – така да се каже – што сите ги имаме, односно зависта, предрасудите, лицемерието, омразата, сè уште се чувствуваат, а прибегнувањето кон строги правила може да биде лесно искушение, но правејќи го тоа би излегле од патот на слободата и наместо да се искачиме на врвот, би се вратиле кон надолу.

Напротив, патот што го покажува Духот е патот каде благодатта и љубовта го наоѓаат своето место. Апостолот ги поттикнува христијаните да ги преземат тешкотиите на другиот и да бидат благи кон оној што греши, внимавајќи на себе да не ја направат истата грешка. Ваквото однесување е сосема различно од озборувањето кое не е според Духот – забележа Папата и додаде – Кога сме во искушение лошо да им судиме на другите, пред се мора да размислуваме за сопствената слабост.

Многу е лесно да се критикуваат другите! – истакна Петровиот наследник. Има луѓе кои излгеда дека имаат дипломирано по мрморење. Секој ден ги критикуваат другите. Но, погледнете се самите себе! Добро е да се запрашаме што нѐ мотивира да опомениме брат или сестра и дали на некој начин не сме соодговорни за нивната грешка. Освен што ни го дава дарот на благост, Светиот Дух нѐ повикува на солидарност, да го носиме товарот на другите. Колку многу товари има човекот во животот: болест, недостаток на работа, осаменост, тага…! И колку други искушенија кои бараат близина и љубов од браќата! – истакна Папата.

Зборувајќи за братското опоменување, папата Фрањо потсети на зборовите на свети Августин, кој препорачува благост и внатрешна љубов и во случаи кога е потребно да се крене гласот. Без разлика дали охрабруваш и се однесуваш татковски, дали сторого укоруваш, љуби – истакна Папата и додаде – Најголемото правило на братската опомена е љубовта, да им посакуваме добро на нашите браќа и сестри. (…) И, исто така, да ги поднесуваме проблемите на другите, туѓите недостатоци молчејќи во молитва, за потоа да го најдеме вистинскиот начин да му помогнеме да се поправи. Не е лесно. Најлесно е да се озборува. Да се одере туѓа кожа, како јас да сум совршен. Тоа не смее да се прави. Потребна е благост; трпение; молитва; близина – рече на крајот папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот