Архиепископот Шевчук му донесе на папата Лав XIV молитва за Украина и список на затвореници
Поглаварот на Украинската источно-католичка црква, врховниот архиепископ Свјатослав Шевчук, на средба со папата Лав XIV во Ватикан му предаде список со имињата на стотици украински воени заробеници кои се наоѓаат во Русија.
За време на разговорот во Апостолската палата, Шевчук му се заблагодари на Папата за неговите апели за мир и за хуманитарните активности на Светиот Престол, особено за напорите за ослободување на воени заробеници и цивили и за враќање на украинските деца однесени од нивните домови.
Тој ја истакна и важноста на неодамнешните телефонски разговори на папата Лав со претседателите Владимир Путин и Володимир Зеленски, како и неговиот повик за хуманитарен прекин на огнот во Олешки, каде што цивилите се соочуваат со недостиг на храна, вода и лекови.
Шевчук се осврна и на хуманитарната мисија на Светиот Престол, во која се вклучени кардинал Матео Марија Зупи и надбискуп Пол Ричард Галагер. Кардиналот Зупи неодамна посети и руски притворен центар во кој се наоѓаат украински воени заробеници.
„Тоа е знак дека никој не е заборавен. Господ Бог се сеќава на сите. А Мајката Црква работи за сите наши воени заробеници и незаконски притворени заложници да бидат ослободени што е можно поскоро“, изјавил Шевчук.
На средбата било разговарано и за состојбата во Украина пред зимата, особено за последиците од оштетувањето на енергетската и другата инфраструктура.
Од 27 до 30 октомври Украина ќе ја посети надбискупот Луис Марин де Сан Мартин, кој ќе донесе храна, лекови и други основни средства и ќе ја пренесе близината на папата Лав XIV со украинскиот народ.
Според Шевчук, Папата им се заблагодари на епископите, свештениците, богопосветените лица и верниците на Украинската источно-католичка црква за нивното сведоштво на верата за време на војната.
Шевчук му подари на Папата и украинска поштенска марка со неговиот лик, издадена во знак на благодарност до Светиот Престол за хуманитарната мисија во Украина.
Ватикан њуз/к.мк

