Семејството место за раѓање и раст на духовните звања
Порака на Н. П. Монс. д-р Киро Стојанов по повод Годината на семејството за период од Духови до Петрово обработувајќи ја светата Тајна на Свештенството во контекст на духовните звања на тема: Семејството место за раѓање и раст на духовните звања
Драги браќа свештеници, браќа и сестри во Христа!
Господ Исус, кого Отецот го посвети и испрати во свет, целото свое таинствено тело го прави учесник во помажувањето на Духот со кој и сам бил помажан; во него, имено, сите верници творат свето и царско свештенство. Преку Исус Христос принесуваат духовни жртви на Бога и навестуваат чудесни дела на Оној кој од темнината ги повика во својата прекрасна светлина. Нема, всушност, ниту еден дел од телото кое не би имало учество во посланието на целото тело, туку секој поединечен дел мора во своето срце Исус да го направи присутен и со пророчки дух за него да сведочи. За да израстат верниците во едно тело, во кое сите делови немаат иста дејност, истиот Господ некои од нив ги посвети за службеници за да се истакнат во општеството на верниците со власта на св. Тајна на Свештенството за принос на жртвата и за опростување на гревовите и луѓето јавно да ја извршуваат свештеничката служба во Христово име. Затоа Христос – бидејќи ги испрати апостолите како што и самиот беше испратен од Отецот – по истите апостоли ги направи учесници на своето посветување и послание и нивните наследници бискупите и свештениците. А како службата на свештениците е поврзана со бискупскиот чин, таа има дел во власта која самиот Христос ја изградува, посветува и управува со своето тело. Затоа свештенството претпоставува тајна на христијанската иницијација, но, сепак, се поделува со посебна тајна со која презвитерите по помажувањето на Светиот Дух се обележуваат со посебен белег и така се поистоветуваат со Христос свештеникот, како би биле во состојба да дејствуваат во Христос свештеникот, така нѐ учи Вториот Ватикански концил.
Драги браќа и сестри, неискажливо е достоинството на свештеничкиот чин кој е од народот земен и за народ поставен во лицето на Исус Христос. Иако се поистоветува со Исус како Глава, сепак Христос е тој кој не дојде да му се служи, туку да служи. Свештеникот, според служењето ја усовршува духовната жртва на верниците и самиот се соединува со Христос единствениот Посредник. Неговата служба започнува со навестувањето на Евангелието, црпи сила и моќ од Христовата жртва и тежнее за тоа да сите собрани т.е. собирот и општеството на светите ја принесе на Бога како сеопшта жртва преку Големиот Свештеник, кој исто така самиот себе во страданијата се прикажа за нас, да бидеме тело на така возвишена Глава. Целта за која свештениците копнеат во службата и животот е прослава на Бога Отецот во Христос. Таа слава сепак е во тоа луѓето свесно, слободно и благодарно да го прифатат Божјото дело извршено во Христос и во сè во својот живот да го исполнат. Од тука свештениците, било да се предадат во молитва и обожавање, било да го проповедаат Словото, било да прикажуваат евхаристиска жртва ги делат и останатите свети Тајни или на луѓето на друг начин им служат, придонесуваат и во посветувањето на Божјата слава и напредувањето на луѓето во Божествениот живот. Сето тоа, извирајќи од Хирстовото воскресение, ќе биде довршено по славното доаѓање на истиот Господ кога Тој ќе го предаде царството на Бог Отецот.
Колкава ли одговорност да се биде свештеник. Самиот не се даде да биде повикан, туку од Бога е повикан, но и од Бога посветен да ја извршува службата на Божјиот народ. Не смее да изостане ниту еден верник католик кој дневно не би молел за светост на своите свештеници. Нивниот живот е трајно изложен на јавност и најприватното свештеничко лице е во служба на заедницата на верниците и затоа мора да биде свето. Јасно, свештеникот е молител за себе и другите и додека посветува поверено му стадо и сам внимава да не му побегне таа посвета која ја прави за другите. Браќа и сестри, молите за нас вашите пастири.
Ваш бискуп/владика
+ Киро Стојанов