Седум дена во Бразил: Програма на Папата за Светскиот ден на младите

Ватикан, 8.5.2013 /к.мк/ – Папата Фрањо во јули ќе помине седум дена во Бразил: Во вторник 7 мај, Ватикан ја објави програмата за првото патување на Папата во странство. Светиот Отец ќе учествува на Светскиот ден на млади во Рио; но исто така е планирана посета на светилиштето во Апарецида.

На 22 јули првиот Папа од Латинска Америка ќе се упати на пат од Рим за Рио, и се очекува да пристигне во Рио околу 16.00 часот по локално време. Истата вечер ќе биде примен од претседателката на Бразил Дилма Рузеф. Следниот ден, 23 јули е наменет за одмор од долгиот пат. На 24 јули ќе го посети Маријанското светилиште Апарецида. Со ова светилиште папата Фрањо е поврзан на посебен начин, имено во 2007 година учествуваше на V Конференција на епископите од Латинска Aмерика и Карибите. После славењето на светата Евхаристија во Апарецида, папата Хорхе Марио Бергољо се враќа во Рио и таму најпрво ќе се сретне со болните. Во четврток 25 јули, има закажано средба со градските власти, а ќе ги благослови и олимписките знамиња за Летните олимписки игри, кои ќе се одржат во Рио де Жанеиро во 2016 година. За време на неговиот престој во Рио планирано е папата Фрањо да посети една Фавела, сиромашна населба во градот Рио. Истата вечер ќе учествува на отворањето на Светскиот ден на млади на плажата Копакабана.

На 26 јули во еден парк од Рио папата Фрањо ќе исповедува млади, а потоа ќе се сретне со група млади затвореници, ќе моли Ангел Господов и ќе учествува на Крстен пат. Во сабота, 27 јули ќе служи света Литургија во катедралата Свети Севастијан, на која ќе присуствуваат бројни свештеници, монаси, монахињи и богослови. Истиот ден во Градскиот театар ќе се сретне со лица од јавниот и културниот живот на бразилското општество, а вечерта ќе има заедничко бдение со учесниците на Светскиот ден на млади. Последниот ден од патувањето, недела 28 јули, на програмата е завршна света Литургија на Светскиот ден на млади, на која се очекуваат да учествуваат најмалку два милиони млади луѓе. По завршувањето на литургијата се очекува Папата да го објави местото на одржување на следниот Свестки ден на млади. На овој ден ќе се сретне со организаторите и волонтерите на Свесткиот ден, како и со епископи од Латинска Америка, а вечерта околу 19.00 часот полетува за Рим. Во Рим се очекува да пристигне во понеделникот 29 јули по единаесет часа лет. За време на седумдневната програма во Рио се предвидени вкупно 15 говори, проповеди или обраќања на Светиот Отец.

 

Категорија: Ватикан

За авторот

Write a Comment

<