Светиот Отец: Триумфализмот ја кочи Црквата

Ватикан, 29.5.2013 /к.мк/ – Триумфализмот ја кочи Црквата: Тоа е искушение на христијанство без Крст. Напротив Црквата треба да биде понизна. Ова го рече папата Фрањо за време на Литургијата во среда 29 мај во капелата на домот Света Марта. На светата Литургија присуствуваа службеници од Ватиканската управа.

Денешното Евангелие ни зборува како Исус се искачува со своите ученици кон Ерусалим, навестувајќи го неговото страдање, смрта и воскресение (Марко10, 32-45-31). Тоа е патот на верата. Учениците – објасни Папата во проповедта – имаат поинаков план, сакаат да поминат само половина од патот, а потоа да запрат, сметајќи дека така е подобро. Дискутираат меѓу себе „како да ја организираат Црквата, како да го уредат спасението”. А Иван и Јаков сакаат да седнат во неговата слава едниот од десната, а другиот од левата страна, со што предизвикаа жестока дискусија меѓу другите ученици за тоа кој е поважен во Црквата. „Искушенијата на учениците – истакна Папата – се исти како оние на Исус во пустината, кога сатаната му нуди еден друг пат. Тоа е исто искушение како она на Петар, кога во првиот момент не го прифаќа страдањето на Исус. „Тоа е страдањето на христијанство без крст, на христијанство на половина пат”. Има и едно друго искушение „христијанство без Крстот, без Исус”, за кое папата Фрањо рече дека ќе зборува во друга прилика. Но искушението на христијанство без Крст е да се биде христијанин на половина пат, Црква на половина пат што не сака да стигне таму каде што сака Отецот, поради искушението за триумф. Сакаме сега да триумфираме, без да го прифатиме крстот, еден световен триумф, разумски триумф:

Триумфализмот во Црквата ја кочи Црквата. Триумфализмот меѓу христијаните ги закочува христијаните. Таква е триумфалистичката Црква, Црква која стои на половина пат, која така е среќна, добро средена, со сите оддели, сè на место, сè како што треба. Ефикасна. Но Црква, која ги негира мачениците, која не знае дека мачениците се потребни на Црквата, за да оди со Крстот напред. Една Црква, која мисли само за триумфот, за победите, која не го познава правилото на Исус: правилото на триумфот преку поразот, преку човечкиот пораз, пораз на крстот. Тоа е искушението пред кое сите ние сме изложени. Потоа Папата посочи еден посебен момент од својот живот:

„Се сеќавам еднаш, кога бев во тежок момент во мојот духовен живот и барав една благодат од Господ. Потоа отидов да проповедам на духовни вежби на едни чесни сестри кои на последниот ден се исповедаа. Дојде да се исповеда и една постара чесна сестра, беше повеќе од 80 години, но со чисти очи, светли: беше Божја жена. Потоа и реков: „Сестро, како покора молете се за мене, бидејќи имам потреба од една благодат. Ако ја побарате од Господа, ќе ми ја даде веднаш.” Таа застана за миг, се молеше и ми одговори: „Сигурно дека Господ ќе ви ја даде благодатта, но да не се разочарате, ќе ви ја даде на свој начин, на свој божествен начин”. Тоа ме смири, кога слушнав дека Господ ни го дава секогаш она што го бараме, но на божествен начин. А Божествениот начин е до крај. Божествениот начин го вклучува Крстот, не од мазохизам: не! Од љубов. Од љубов до крај.”

Со овие зборови папата Фрањо ја заврши својата проповед:

Да молиме за благодат од Господ да не бидеме Црква запрена на половина пат, да не бидеме триумфалистичка Црква за големи успеси. Да молиме за една понизна Црква, која чекори одлучно, како и Исус. Напред, напред, напред. Со отворени срца за волјата на Отецот, како и Исус. Да молиме за оваа благодат. (Д.И.)

Категорија: Ватикан

За авторот

Write a Comment

<